cokoladna nepecena torta 1

Брза непечена чоколадна торта со бисквити за 5 минути

Ви се најавиле гости, а немате многу време и желба за спремање на торта? Потребни ви се само 5 минути за да го приготвите чоколадното изненадување. Еве еден лесен рецепт за брза непечена чоколадна торта со бисквити и крем банани кој го направивме во нашата кујна.

Токму така се креира овој рецепт. Ни се најавија гости за кои знаеме дека обожаваат чоколадна торта, а времето за подготовка ни беше многу мало. Во најблискиот маркет ги набавивме намирниците и започнавме со приготвување. Само за 5 минути ги искршивме бисквитите, го растопивме чоколадото и ја ставивме тортата во замрзнувач за да се стегне. Направивме вкусна, крцкава чоколадна торта, која им се допадна на сите.

непечена чоколадна торта со бисквити

Состојки:

  • 200 грама бисквити
  • 200 грама чоколадо за готвење
  • 5 крем банани
  • 1 лажица екстракт од ванила
  • 100 мл млеко.

Подготовка:

  1. Бисквитите искршете ги со раце или исечкајте ги.
  2. Крем бананите исечкајте ги на мали коцки.
  3. Во тенџере на оган на ниска температура ставете го млекото и додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте со лажица за да се растопи чоколадото. Потоа, додајте го екстрактот од ванила и измешајте.
  4. Штом чоколадото се растопи, тенџерето тргнете го од оган.
  5. Во растопеното чоколадо додајте ги кршените бисквити и крем бананите. Измешајте убаво.
  6. Во калап или пластичен правоаголен сад ставете најлонска фолија. Во калапот додајте ја смесата од бисквитите и чоколадото. Убаво израмнете со лажица. Врз тортата ставете најлонска фолија и со рацете добро притиснете. Калапот затворете го со капак и ставете го во замрзнувач.
  7. Оставете ја тортата за време од 1 до 2 часа додека се стегне. Изладената непечена чоколадна торта исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Непечена торта со ресани и крем банани.

Сподели: