брза посна торта со кокос и портокал

Брза посна торта со кокос и портокал

Нема да поверувате колку оваа брза посна торта со кокос и портокал е вкусна и сочна. Ви предлагаме во првата прилика да ја направите и дегустирате со вашето семејство и пријателите.

Рецептот е од нашата кујна и е припремен за време на подготовка на свечената трпеза за куќна слава во време на пости. Сите гости ја пробаа оваа торта и го потврдија нејзиниот фантастично добар чоколаден вкус со освежителна арома на портокал, надополнета со кокос и мармалад од црни сливи. А штом ја направите, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднала.

брза посна торта со кокос и портокал

Состојки:

  • 4 кафени шолји шеќер
  • 6 кафени шолји брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • кора од еден портокал или мандарина
  • 100 грама кокосово брашно
  • 5 кафени шолји минерална газирана вода
  • 1 кафена шолја масло
  • свежо цеден сок од 1 портокал или мандарина
  • 5 до 6 лажици мармалад од црни сливи (може да користите и друг мармалад по желба)
  • 2 лажици какао.

Подготовка:

  1. Рерната загрејте ја на 180 до 200 степени.
  2. Брашното пресејте го со сито.
  3. Во длабок сад ставете шеќерот, брашното, прашокот за печиво, ванилиниот шеќер, кокосот и кората од портокал. Убаво измешајте ги состојките.
  4. Во садот додајте ги маслото, минералната вода и сокот од портокал. Добро измешајте со жица за матење за да се добие хомогена смеса без грутчиња.
  5. Смесата поделете ја на два еднакви дела. Во едниот дел додајте го какаото и измешајте со жицата за матење.
  6. Во правоаголна тава број 40 ставете хартија за печење. Во тавата ставете ја чоколадната смеса и печете ја во загреената рерна за време од 10 до 15 минути, додека се добие кора по површината. Потоа, тавата извадете ја и тортата премачкајте ја со мармаладот од црни сливи.
  7. Врз мармаладот ставете ја преостанатата смеса од ванила и портокал, и добро израмнете. Тавата вратете ја во рерната и продолжете со печењето за време од 20 до 25 минути, додека тортата добие златно-жолта боја. Повремено проверувајте со чепкалка, дали тортата е испечена. Печената торта, извадете ја од рерната и покријте ја со кујнска крпа. Оставете ја да се излади.
  8. Изладената посна торта превртете ја од тавата и извадете ја хартијата за печење. Потоа, тортата повторно вратете ја во тавата и сечете парчиња со големина по желба. Доколку сакате, можете повторно да ја премачкате со мармалад и да наросите кокос.

Сподели: