Брзи колачи со мусли 1

Брзи колачи со мусли

Кога ви се јаде нешто брзо, лесно и слатко, тоа е тоа, рецептот е пред вас! Направете си брзи колачи со мусли и сметајте дека може да уживате каде и да одите. Добри се за носење на работа, на прошетка или во училиште.

Невена ни ги опиша на многу сладок начин: „Колаченца со интегрален вкус, погодни за со млеко, чај или кафенце.“ Нејзините зборови се доволни за да ги пробаме!

Брзи колачи со мусли 2

Може да ве интересира: Брзи посни колачи од 3 состојки.

Состојки:

  • 2 средно големи јајца
  • 4 лажици шеќер
  • 2 лажици мед
  • 100 мл масло
  • 100 мл млеко
  • 250 гр мусли со разно овошје
  • 300 гр брашно
  • 2 лажички прашок за печиво.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и медот, па со помош на миксер матете додека шеќерот се стопи и добиете густ крем.
  2. Додајте ги маслото и млекото. Со мала брзина кратко изматете за да се соединат со јајцата.
  3. Исклучете го миксерот и додајте го брашното, муслите и прашокот за печиво. Мешањето на смесата продолжете го со голема лажица или шпатула. Ќе се добие густа и мека смеса.
  4. Рерната вклучете ја да се загрее на 180 степени.
  5. Во плех, во кој претходно сте ставиле хартија за печење, ставајте од смесата по една полна лажица. На тој начин, лесно се формираат колачите.
  6. Во загреаната рерна оставете ги да се печат околу 12-13 минути или додека добијат светла кремаста боја.

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Брзи кокосовки.

Сподели: