брзо тесто за пица

Брзо тесто за пица без квасец

Домашната пица е секогаш омилена во семејството, но нејзината подготовка е предизвик од кој ретко кој се откажува додека не ја пронајде совршената формула за меко тесто со малку крцкави рабови какво што подготвуваат најдобрите пица мајстори. Ако ви се јаде домашна пица, а немате многу време сега може да направите брзо тесто за пица кое не содржи квасец, со што се заштедува времето кое е потребно за нараснување на истиот.

Рецептот ни го испрати нашата читателка Билјана, а ние го испробавме и потврдуваме дека пицата е одлична. За изработка на совршеното тесто за пица постојат многу совети и мали трикови. Се препорачува водата и млекото кои се користат во повеќето рецепти да бидат малку загреени, а брашното да биде пресеано. Во пицериите и рестораните, пицата се пече 2 минути на 500°C, но домашните рерни не поддржуваат вакви температури. Затоа, најдобро е пицата да ја печете на 250 степени. Некои пица мајстори користат печки со многу повисока температура и кај нив времето на печење е 35-40 секунди. Краткото време на печење има за цел да спречи тестото да ги впие останатите состојки. Доколку тестото е подебело или пицата има многу состојки може да ви се случи состојките од горниот дел да бидат препечени, а тестото во внатрешноста да биде не печено, па следниот пат печете ја пицата на долната преграда во рерната.

брзо тесто за пица

Состојки:

  • 2 шолји брашно
  • 1 шолја кисело млеко или јогурт
  • 1 мала лажичка сол
  • 1 ќесичка прашок за печиво.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете ги пресеаното брашно, киселото млеко, солта и прашокот за печиво. Убаво измешајте ги и добиената смеса убаво измесете ја додека добиете меко тесто.
  2. Откако тестото ќе го изместите, без да чекате да нарасне, со помош на сукало исучете кора. Кората ставете ја во намрсена тава за печење, а потоа ставете состојки по желба.
  3. Пицата печете ја во загреена рерна на 250 степени за време од 10 до 15 минути. Печената пица направена со брзо тесто, послужете ја додека е топла. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Тесто за пица по домашен испробан рецепт.

Сподели: