Брз кремаст десерт со јагоди и бисквити во чаша

Брз и едноставен десерт со јагоди, идеален за топлите денови! Нема печење, а се приготвува за само 5 до 10 минути. Може да го направите штом ви се најавиле гости, а немате време за приготвување на мезе.

Покрај тоа што се прави многу лесно, изгледа преубаво и сигурно ќе му се допадне на сите. Рецептот е испробан и ни доаѓа од кујната на Лана, која го објави на нејзиниот блог Kuhinica Mignone.

десерт со јагоди во чаша

Состојки:

  • 100 грама мелени бисквити
  • 50 грама путер

За крем:

  • 250 мл слатка павлака
  • 200 мл кисела павлака
  • 2 до 3 лажици шеќер во прав
  • 500 грама свежо овошје (јагоди, малини и слично)

За декорација:

  • 100 мл слатка павлака
  • сечкани или мелени лешници за декорација.

Подготовка:

  1. Мелените бисквити ставете ги во длабок сад.
  2. Путерот растопете го. Во садот со мелените бисквити додајте го путерот и измешајте за да се добијат мали мрвици (слично како подлогата за чизкејк). По потреба додајте уште малку бисквити или путер.
  3. Слатката павлаката изматете ја како шлаг, додајте кисела павлака и внимателно измешајте ја. Ако сакате кремот да биде посладок може да ставите шеќер во прав.
  4. Во длабоки чаши наизменично редете слој од бисквитите со путерот, кремот од слатката павлака, сечкани јагоди, додека не ја исполните целата чаша. На крајот украсете со изматена слатка павлака, ставете една јагода и посипете со мелени печени лешници. Готовиот десерт со јагоди чувајте во фрижидер до служењето. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Овошна торта со јагоди.

Сподели: