сос од домати

Брз сос од домати и босилек

Уште еден брз, лесен и едноставен рецепт од нашата кујна. Ако имате повеќе домати ви предлагаме да направите брз сос од домати и босилек. Брзиот сос од домати и босилек може да го послужите со варени тестенини, варен ориз, компири или да го намачкате на парче леб. Сигурни сме дека вкусот на домати и аромата од босилек ќе ви се допадне и вам.

Овој сос од домати е посен, не содржи масло, па е одличен предлог за време на пости. Нискокалоричен е, богат со растителни влакна, не содржи глутен и животински производи, па го препорачуваме за сите кои внимаваат на својата тежина и водат здрав живот.

сос од домати

Состојки:

  • 5 до 6 големи зрели домати
  • 2 чешниња лук
  • неколку листови свеж босилек или магдонос по желба
  • 2 лажици густин (нишесте)
  • сол и црн пипер.

Подготовка:

  1. Доматите измијте ги и исечете ги на коцки со големина од 1 см.
  2. Во тава на оган на средна температура ставете ги доматите.
  3. Лукот исчистете го и ситно исечкајте го. Листовите босилек ситно исчекајте ги. Во садот со доматите додајте ги лукот, половина од исечканите листови босилек и измешајте. Повремено мешајте и штом доматите зовријат варете ги за време од 5 до 10 минути, додека омекнат.
  4. Во мала чаша ставете го густинот и додајте 50 мл вода. Мешајте за да се раствори густинот.
  5. Во тавата со домати, посолете, наросете и додајте го растворениот густин. Мешајте со лажица додека сосот се згусти за време од 2 до 3 минути, а потоа тргнете ја тавата од оган. Во тавата додајте го преостанатиот босилек и послужете го сосот.

Сподели: