Варен посен грав со домат 1

Варен посен грав со домат

Весна е една од заслужните за зачувување на македонската традиција и кујна, а сѐ што сме имале можност да пробаме од нејзините предлози било навистина одлично, па упатуваме искрена пофалба и благодарност до неа за секој споделен рецепт и вложен труд! Во деновиве кога рецептите за посни јадења јадења се навистина актуелни и корисни за идеи, споделуваме како да направите многу вкусен варен посен грав со домат.

Во претходна прилика, го имавме споделено најзиниот рецепт за варен грав на струмички начин, за кој таа ни кажа дека е основен и сличен на овој денес, а неколкуте додатоци и измени во овој рецепт прават да се добие уникатен и поинаков вкус, кој вреди да се проба.

Варен посен грав со домат 2

Состојки:

  • 500 гр грав
  • 1-2 главици кромид
  • 1-2 домати зависно од големината
  • 1-2 пиперки зависно од големината
  • сува пиперка
  • масло
  • 1-2 чешниња лук по вкус (по желба можете лук во прав)
  • сол, сув зачин, црвена пипер, буковец.

Подготовка:

  1. Гравот се мие со ладна вода, неколку пати, па се остава да кисне во вода преку ноќ.
  2. Утредента се фрла водата, се става нова, зоврива, после десет минути, се фрла и таа вода.
  3. Се налева врела вода, од страна, да не се отворат зрната, над гравот неколку прсти да биде нивото на вода, и веднаш на рингла.
  4. Претходно се сечкаат кромидот и пиперката на ситно. Доматот се мие, се лупи и се ренда на поситните страни на рендето. Ако имате, се додава и сувата пиперка, цела или исечкана на парчиња.
  5. Се додаваат две лажички црвен пипер во врелата вода, па ситно сечканото лукче и маслото, а за подобар вкус поубаво е да додадете повеќе масло.
  6. Се размешува, се чека да зоврие убаво, се намалува, се покрива со капак и се остава да вари на најслаба температура. Гравот не треба потоа да се меша. Густината за водата се проверува кратко со спуштена лажица, може да се додаде врела вода, но внимателно, малку и по малку. Кога е киснат, таа вода што ќе ја ставите, вообичаено е доволна, но мора да се проверува.
  7. Кога е готов, а тоа се гледа по врвот на гравот, поинаку врие, згустено е и има меурчиња, се додава сол, сушен зачин, се меша кратко и се остава уште 5 минути. По желба може да додадете суво нане, убаво е.
  8. На крај, ставете уште буковец одозгора или во чинија кога е сервирано.
  9. Извесно време пред сервирање треба да остане со откриен капак. На здравје!

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com.

Ви препорачуваме да прочитате: Посно македонско тавче гравче.

Сподели: