лазања со обланди

Вегетаријанска лазања со обланди и бешамел сос

Досега не сме пробале вегетаријанска лазања со обланди, но гледајќи ги состојките во овој рецепт, сигурни сме дека ќе ни се допадне. Претходно сме правеле похувани пирошки со обланди, кои многу ги обожаваме.

Овој интересен рецепт доаѓа од кујната на Катерина, а таа вели: „Се прашував како би било лазања со кори од обланди. Ама бивало, се изненадив и сама. Од идеја излезе рецепт кој ќе си го спремам и понатака“.

вегетаријанска лазања

Состојки:

  • 2 листа обланда
  • 1 морков
  • 1 тиквичка
  • 1 помал страк праз
  • 200гр. свежи шампињони
  • 3 чешниња лук
  • 1/2 лажица куркума
  • 1 лажичка сусам
  • 1 лажичка ленено семе
  • 150 гр горгонзола (во замена може да користите кашкавал)
  • по потреба маслиново масло, сол, црн пипер.

За бешамел сос:

  • 300 мл млеко
  • 30 гр путер
  • 30 гр брашно
  • малку сол, црн пипер.

Подготовка:

  1. Најпрвин исечкајте го зеленчкукот, така што морковите ќе ги исечете со лупалка за компири на тенки листови, тиквичката и празот на тенки резанки, шампињоните на тенки листови, а лукчето на не многу ситни кругчиња.
  2. Во тава на оган ставете маслиново масло и додајте ги шампињоните и сечканото лукче.
  3. Пржете додека испари водата која ја пуштаат печурките, па додајте ги тиквичката, морковот и празот.
  4. Посолете и наросете малку црн пипер.
  5. Додајте ја куркумата, лененото семе и сусамот.
  6. Пржете додека зеленчукот омекне (внимавајте да не го препржите).
  7. Следно, подгответе го бешамел сосот. Во тенџере на оган на умерена температура ставете го путерот да се растопи.
  8. Потоа додајте го брашното. Откако брашното ќе се подзапржи додајте го топлото млеко.
  9. Посолете и наросете малку црн пипер. Мешајте со жица додека се згусти сосот.
  10. На дното од правоаголна тава ставете малку од бешамел сосот. Потоа ставете парче обланда.
  11. Премачкајте со бешамел, ставете од пропржениот зеленчук и парчиња горгонзола.
  12. Ставете друго парче обланда и пак премачкајте со бешамел. Ставете од зеленчукот и парчиња горгонзола. Повторете ја постапката додека ви се потроши зеленчукот.
  13. Редењето завршете го со обланда која ќе ја премачкате со бешамел сос. Лазањата печете ја во загреана рерна на 200 степени за време од 20 минути.
  14. Печената вегетаријанска лазања оставете ја кратко да се излади, а потоа исечете парчиња и послужете. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигоровска.

Ви предлагаме да прочитате: Вегетаријански лазањи – поснo јадење.

Сподели: