велики четврток

Велики Четврток – ден за украсување на велигденските јајца

Се пребројуваат и последните денови до големиот празник Велигден. Денес е Велики Четврток, а со тоа се прават и последните подготовки за достојно и христијански, со радост во кругот на семејството и пријателите да го дочекаме Христовото Воскресение.

На Велики четврток, Исус Христос се вратил во Ерусалим каде ја востановува Новозаветната Пасхална жртва. Црквата на овој ден си споменува за светото миење на нозе, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва и самото предавство на Синот Божји.

По Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок, Исус Христос бил пронајден и фатен кај Гетсеманската градина. Велики петок се празнува со свети литургии и принесување на бескрвната жртва со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот Божји. На тој ден бијат дрвени ѕвона, а не камбани сѐ до недела, кога за прв пат ќе се огласи радоста за Христовото воскресение. Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост и на тој ден на христијанска жалост, во знак на таговно сеќавање на настаните, не се работи ништо. На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст кој го носел до ридот Голгота, каде што бил распнат.

велики четврток

Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.

Кога се бојадисуваат велигденските јајца?

Црвеното јајце е симбол за Велигден. Првите три јајца се бојадисуваат на Велики Четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа според верувањата не се расипуваат со години. Старите адети кажуваат дека во раните зори на Велики Четврток треба да се бојадиса барем едно црвено јајце. Првто црвено јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто јајце е наменето за домаќинот, а третото за бериќет и напредок на целото семејство.

За првото јајце се верува дека има магична моќ и затоа доколку имате икона во домот треба да го ставите пред неа. Се вели дека има моќ да лекува разни болести. Според обичаите домаќинката не треба да биде гладна кога започнува со бојадисувањето на јајцата. Се верува дека треба барем едно залаче леб да се касне пред бојадисувањето бидејќи наводно ако се вапсуваат на празен стомак, тогаш таквите јајца не носеле радост во семејството. Но ова е само предание. Најважна е добрата мисла и позитивното расположение, со радост да го пречекаме овој голем празник.

Зошто првото јајце треба да биде црвено?

Откако ќе бидат бојадисани првите три јајца и откако ќе се појават првите сончеви зраци, домаќинката ги буди сите членови на семејството и им го покажува првото јајце со зборовите „За многу години“ и им поминува по лицето велејќи ги зборовите: црвено (што симболизира здравје и напредок), бело, дебело (што симболизира ситост, полна трпеза).

Христијански е јајцата да се бојадисуваат во црвена боја која значи победа, победа над смртта. Црвената боја ја претставува божјата сила и моќ и ја симболизира Исусовата крв пролеана на крстот за спасение на сите луѓе. Подарувајќи си црвени јајца и кршењето со нив го симболизираат Исусовото воскресение за нашето спасение, со смрт, смртта ја победи и воскресна од мртвите. Затоа Христовото воскресение претставува надеж за спасение на нашите души и идниот живот по смртта.

Може да ве интересира: Велики петок – денот на распнувањето на Исус.

Сподели: