Вкусен пинџур со ореви по струмички рецепт 1

Вкусен пинџур со ореви по струмички рецепт

Време е пинџурот редовно да ни е на трпезата! Избравме да го споделиме рецептот на нашата пријателка Весна, која храната ја припрема со многу љубов! Да си направиме и ние вкусен пинџур со ореви по традиционален рецепт од струмичкиот крај!

„Потребни се модри патлиџани, пиперки, домати, а количество, токму по овој редослед, од најмногу, до најмалку, кога станува збор за модрите патлиџани, пиперките и доматите. Немам точни мерки, прилагодете си, најчесто вака правам…“ – вели Весна.

Вкусен пинџур со ореви по струмички рецепт 2

Подолу во описот на рецептот, ќе најдете информации и како може да го замрзнете пинџурот, па да си направите топол и вкусен оброк кога и да посакате.

Состојки:

  • 2 модри патлиџани
  • 10 пиперки, пожелно е црвени/портокалеви
  • 2 домати
  • лук по вкус
  • ореви по вкус
  • масло по потреба
  • сол по потреба
  • магдонос по вкус.

Подготовка:

  1. Модрите патлиџани испечете ги во рерна.
  2. Во меѓувреме, пиперките измијте ги и испечете ги, а за да се лупат полесно ставете ги во најлонски кеси. Откако сте ги излупиле, оставете ги да се исцедат, но треба да стојат барем неколку часа. Потоа исечете ги во должина или искинете ги со рацете. Нема потреба од толчење, само вртете ги со дрвена лажица во круг, неколку пати дури не станат како конци. Сега, во оваа фаза, може да си направите кесички со припремените пиперки и модри патлиџани за во замрзнувачот, исто како што смрзнуваме мелено месо, во сплосната форма. А, откако ќе си направите мала зимница, довршете го пресниот пинџур. Во секој случај, откако ќе го одмрзнете, продолжете со постапката како и сега. Истото што ќе го правите со пресниот пинџур, треба да го правите и кога ќе одмрзнете кесичка со замрзнат пинџур.
  3. Пржете го на оган во поголем сад. Повремено промешувајте, а додајте ги и доматите, претходно изрендани.
  4. Кога смесата се запржила, загрејте повеќе масло и попарете го пинџурот. Толчениот лук со сол и масло, толчените ореви додавајте ги и пред да го додадете врелото масло и потоа.
  5. На крај, додајте го и магдоносот. Измешајте добро, складирајте во топли тегли додека е пинџурот топол, превртете ги за време од 20-тина минути и постапката е готова. Пробајте го додека е топол и пресен и на здравје!

За крај, Весна додава: „За гурманите, обавезно и лути пиперки и тоа оган лути, толчени по можност и повеќе врело масло…“

Рецептот го испратил: Весна Рор, vesnarohrrecepti.com

Ви препорачуваме да прочитате: Македонски домашен пинџур.

Сподели: