Дали е добро постојано да се јадат исти намирници?

Консумирањето на исти намирници најчесто се среќава при диети и одредени режими на исхрана. Тоа не поттикна да дадеме одговор на прашањето, дали е добро постојано да се јадат исти намирници, па иако се здрави? Има доволни позитивни и негативни причини, па еве што мислат нутриционистите и научниците.

Неколку причини „ЗА“…

Ако оброците кои редовно ги консумирате се богати со овошје, зеленчук, квалитетни протеини, интегрални житарки, здрави масти, тоа е одличен почеток. На Запад, поголем дел од населението не консумира доволно овошје и зеленчук. Па оброците кои содржат овошје и зеленчук, иако се повторуваат секој ден, се здрава опција.

исти намирници

Исхраната во која се вклучени исти намирници е полесна и приготвувањето на оброците е поедноставно

Притоа важно е да се направи добро балансирано мени, кое се повторува секој ден, затоа што на овој начин ќе го олесните планирањето и приготвувањето на оброците. Подобро е да имате испланиран здрав оброк, кој е ист како и претходниот ден, него да се задоволите со ќесичка чипс или да одете до најблиската пекара кога огладнете.

Премногу разновидната исхрана може да содржи многу нездрави намирници

И научните истражувања покажале дека едноличната, но здрава исхрана е добар начин. Едно истражување од 2015 година, го анализирало квалитетот и разновидноста на исхраната на повеќе од 5000 лица. Резултатите биле многу интересни. Имено се утврдило дека многу разновидната исхрана била поврзана со поголем обем на струкот. Додека квалитетната исхрана била поврзана со намален ризик од дијабетес тип 2. Истражувачите заклучиле дека разновидната исхрана не е секогаш и поквалитетна и не води до подобро метаболичко здравје. Разновидната исхрана може да содржи многу нездрави намирници, што може да не биде добро.

Неколку причини „ПРОТИВ“…

Ако вашите секојдневни оброци на хартија се добро урамнотежени, сепак постои шанса дека нема да ги содржат сите состојки кои ви се потребни. Многу од нутриционистите не би препорачале секојдневно повторување на исти намирници и оброци. Нивното мислење е дека не можеме да ги добиеме сите хранливи состојки ако јадеме исти намирници секој ден. Исто така, сметаат дека разновидноста е од суштинско значење за здрава, балансирана исхрана. И поголем дел од научните истражувања го подржуваат ова мислење. Со една студија од 2015 година, со која биле опфатени 7000 возрасни лица било заклучено дека големата разновидност во исхраната била поврзана со помал ризик од метаболичен синдром во однос на оние кои се хранеле помалку разновидно.

Заклучок

Иако е важно да се јаде разновидно, сепак е најважно што јадете. Едно големо истражување од 2002 година, анализирало колку разновидната исхрана влијаела на смртноста на скоро 60 000 жени. Било откриено дека жените кои се хранеле здраво и консумирале различно овошје, зеленчук, интегрални житарки и нискомаслени млечни производи имале значително помал морталитет во споредба со жените кои во својата исхрана помалку ги консумирале овие намирници. Тоа истражување утврдило дека и ризикот од срцеви заболувања бил значително помал кај оние жени кои јаделе разновидна здрава храна. Истражувачите заклучиле дека е подобро да се зголеми бројот на здрави намирници во редовната исхрана, него да го намалите бројот на нездрави намирници. Со други зборови, разновидната здрава исхрана е подобра од здравата исхрана во која не се вклучени многу намирници.

Ви предлагаме да прочитате: Која исхрана е погодна во летните денови, а што треба да избегнувате?

Сподели: