oriz 1

Дали оризот е здрава храна?

Одговорот на ова прашање е едноставен, а тоа зависи од вас. Во текстот кој следува ќе ви ги претставиме придобивките и недостатоците од консумирањето на ориз, па можеби ќе се сложите со нашето мислење дека тоа е една од најздравите храни.

Постојат различни начини на исхрана, па лицата кој применуваат палео диета сигурно ќе ви кажат дека житариците меѓу кои и оризот се штетни за организмот. Следбениците на кинеската медицина и веганите сметаат дека оризот е неверојатна супер храна.

Ние би се сложиле со двете мислење, но сепак тоа зависи од личноста и начинот на приготвување на оризот. А еве зошто сметаме дека тоа е така.

ориз

Придобивки и недостатоци од консумацијата на ориз

После пченицата, најчесто користена житарица во светот е оризот. Во нашата кујна многу е застапен, но за жал во најголема мера се користи белиот, рафиниран ориз. За да може организмот во целост да ги искористи сите хранливи состојки на оваа корисна житарица, а да го избегне дополнителното внесување на хемикалии (пестициди), се препорачува употреба на интегрален ориз, по можност органски. Под поимот интегрален, се подразбира ориз на кога му е отстранета лушпата, но е оставена обвивката на зрното, која е права ризница на витамини и минерали. Во неа се наоѓа голема количина од витамините од Б групата кои делуваат за смирување на нервниот систем. Од минералите застапени се селен, калиум, калциум, силициум, фосфор, магнезиум и железо. Овие минерали се важни за здравјето на кожата, косата и забите, а селенот ја подржува работата на тироидната жлезда и бубрезите.

Со постапката на рафинирање, минералите и витамините потполно се уништуваат, така да во рафинираниот бел ориз преовладуваат јаглените хидрати. Истражувањата имаат покажано дека лицата кои јадат бел ориз имаат двојно поголеми шанси да добијат шеќерна болест во споредба со тие кои консумираат интегрален. Освен тоа, интегралниот ориз е посладок, повкусен и повеќе ве заситува при јадење.

Оризот содржи висок процент на јаглени хидрати, што му ја дава високата енергетска вредност. Во 100 грама ориз има околу 340 калории. За разлика од белиот, интегралниот ориз има поголема количина на растителни влакна кои даваат чувство на ситост, па така ќе изедете помала количина. Освен тоа, растителните влакна го спречуваат брзиот пораст на гликозата во крвта, па може да го јадат и дијабетичарите.

Оризот е намирница која се одликува со лесна сварливост, па се препорачува во исхраната кај лица кои имаат здравствени проблеми како што е гастритис, чир на желудникот и дванаестпалачното црево. Водата во која оризот се варел може да се користи при болки во стомакот и дијареја. Исто така, оризот е погоден за исхрана на лица кои имаат алергија на глутен.

Што се однесува до начинот на приготвување, најдобро е оризот претходно да биде изртен затоа што тогаш најлесно може да се искористат витамините и минералите.

Па да заклучиме, дали оризот е здрава храна? Да, но избегувајте да јадете бел ориз кој е сиромашен со витамини и минерали, а предизвикува брзо зголемување на шеќерот во крвта и покачување на нивото на инсулин.

Ви предлагаме да прочитате: 6 невообичаени начини да искористите ориз.

Сподели: