Данок за нездрава храна – sezahrana.mk за ТВ Орбис

Европската Унија воведува повисоки даноци за т.н нездрава храна која што во својот состав има поголемо количество на сол, додаени шеќери и масти. Некои држави како Австрија, Белгија и Унгарија веќе имаат воведено таков данок, а кај други е во процедура. Добрите познавачи на состојбите велат дека македонците во споредба со некои други земји се хранат здраво.

Дали по примерот на ЕУ ќе оди и нашата земја ќе покаже времето, затоа што потребно е време за да може да се направат анализи кои ќе покажат колку македонците консумираат нездрава храна и како таа влијае на здравјето на населението, па потоа соодветно да се постапува.

Газирани пијалоци, чипси, чоколади, вафли, намази, преработена замрзната храна, енергетски пијалоци и кафе што содржат голем процент на кофеин или во својот состав имаат големо количество на сол, шеќери и масти се дел од т.н. нездрава храна за која дел од земјите членки на ЕУ воведоа повисок данок. Како што пишува дневниот весник Дневник Австрија, Белгија и Унгарија се земјите кои што веќе имаат воведено данок за т.н. нездрава храна, а дека во процедура е и во останати земји. Воведување на ваков данок е само дел од мерките кои некои земји ги воведуваат со цел повеќе да се консумира здрава храна. Иако трендовите од запад се повеќе се присутни и во нашата земја, добрите познавачи на состојбите велат дека македонците имаат поинакви навики и дека се хранат здраво. На оваа тема за ТВ Орбис дадовме свое мислење, за што сметаме дека треба да се внимава на храната, но дека за ваква мерка воведување на данок на нездрава храна, потребно е подолго време за да се направат соодветни анализи.

„Ваква акција презеде познатиот Џејми Оливер, кој бара воведување на данок за газираните пијалоци, бидејќи содржат многу шеќер, а најчесто ги консумираат малите деца. Ние ја подржуваме оваа иницијатива за воведување на такви даноци во земјите на ЕУ, но дали треба да бидат воведени во Македонија, прашањето е дискутабилно и треба да се работи подолг времеснки период, за да се најдат најприфатливи решенија за популаризирање на здрава храна, особено кај младата генерација “ вели Марија Кочoвска – sezahrana.mk

Поголемиот број на граѓани се свесни за храната и консумирањето на здрави производи. Доказ за тоа се бројните прашања и забелешки што граѓаните ги упатуваат дo нас и покажуваат сé поголем интерес за здрава храна, посочува Катерина Шамбевска – sezahrana.mk

Брзата храна и газираните пијалоци се едни од најнездравите прехрамбени производи. Оваа храна и намалената физичка активност е причината за зголемување на телесната тежина кај децата, посочуваат експертите. Некои земји дури имаат воведено забрана за рекламирање на нездрава храна. Од sezahrana.mk апелираат податоците на декларациите на производите да бидат поголеми и ознаките на составот на храната да бидат воочливи, за да може консументите подобро да се информираат.

Една народна поговорка вели „Ти си она што јадеш, затоа избери мудро, избери здраво“. Само вистинскиот избор на храна е правилен пат до подобро здравје.

Сподели: