прочка домашен мазник со сирење

Денес е Прочка, не ги заборавајте овие македонски обичаи

Прочка или Велики поклади, е ден во православното христијанство за меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на празникот се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Овој празник во семејството се одбележува со богат ручек и обавезно мазник со сирење и варени јајца кои на крај се амкаат. Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

домашен мазник со сирење

Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.

Еден од главните елементи на овој празник е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Најпознат настан за тој ден е карневалот во Прилеп, како и Струмичкиот карневал или Тримери кој се одржува веднаш после Прочка, кој е влезен и во Светскиот календар на карневалите и во последните години стана голема туристичка атракција.

Како прославувате во вашиот крај, има ли некој друг обичај за овој празник?

Сподели: