Диња – супер овошје кое го помага слабеењето

Ниската калорична вредност и големиот процент на вода ја прават дињата омилено и популарно овошје на многумина во летните месеци. Дињата е едногодишно растените кое потекнува од Азија, а во Кина била позната веќе 1000 години п.н.е.

Здравствени придобивки од консумирањето диња

Балансираната исхрана со секојдневен внес на овошје и зеленчук долго време е поврзана со намален ризик од многу заболувања кои се резултат на денешниот начин на живот. Многу студии укажуваат дека зголемената консумација на храна од растително потекло како дињата, поволно влијае врз здравјето така што го намалува ризикот од дебелина, предвремена смртност, дијабетес и срцеви заболувања, а го одржува здравиот изглед н кожата и косата, ја зголемува енергијата и помага за одржување на нормална телесна тежина.

Дињата го штити здравјето на очите

Антиоксидансот зеаксантин кој се наоѓа во дињата, го штити здравјето на очите од штетните ултра виолетови зраци кои може да доведат до оштетување и појава на катаракта. Секојдневната консумација на овошје докажано го намалува ризикот од појава на катаракта во текот на староста.

Консумацијата на диња го намалува ризикот од појава на астма

Ризикот од појава на астма е помал кај лица кои консумираат висока содржина на одредени хранливи состојки како што е бета-каротенот, кој се наоѓа во овошјата со жолта и портокалова боја, како диња, тиква, морков и зелениот лиснат зеленчук како спанаќ и кале. Витаминот Ц е важна хранлива состојка која има заштитно дејство против астма, а во големи количини се наоѓа во дињата, цитрусните и тропските овошја.

диња

Дињата го намалува високиот крвен притисок

Застапеноста на растителни влакна, калиум, витамин Ц и холин во дињата, го прават ова овошје одличен сојузник за здравјето на срцето. Консумацијата на храна која е богата со калиум може да помогне за намалување на високиот крвен притисок. Внесувањето на доволни количини на калиум е подеднакво значајно како и намалувањето на консумацијата на сол, при третман на лица кои страдаат од хипертензија. Во групата на храна која е богата со калиум припаѓаат: диња, ананас, домати, портокали, спанаќ и банани.

Високиот внес на калиум преку храната е поврзан со намален ризик од срцев удар, штити од загуба на мускулна маса, ја одржува густината на коските и го намалува формирањето на камчиња во бубрезите.

Нутритивни вредности на диња

Сочниот, вкусен плод со карактеристична арома, портокалова или зеленикава боја, кој освежува е природно богатство од витамини и минерали. Гликемскиот индекс на дињата изнесува 3, а во 100 грама диња има:

  • 34 калории
  • 1 грам растителни влакна
  • 1 грам протеини
  • 9 грама јагленохидрати

Портокалово-жолтеникавата боја на диња потекнува од бета-каротенот кој го содржи. Дињата е богата со витамин А, а доколку изедете 100 грама диња ќе задоволите 68% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Покрај тоа, дињата е богата со витамин Ц, кој задоволува 61% од дневните потреби на организмот. Од минералите дињата содржи калиум, магнезиум, бакар, манган, цинк, калциум и железо.

Доволно причини за да уживаме во вкусот на дињата во летните месеци!

Сподели: