домашен-кечап-1

Домашен кечап без конзерванси

Ви предлагаме уште еден наш испробан рецепт со семејна традиција и што е важно без конзерванси. Вака подготвениот домашен кечап има одличен вкус и наидува на позитивни коментари и емоции на задоволство од секој кој го пробал. Еве како може да го направите.

домашен кечап

Состојки:

  • 16 кг домати
  • 200 гр нишесте
  • 120 мл винска киселина
  • 4-5 лажици сенф
  • 1/2 кг шеќер
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Доматите најпрво измијте ги, а потоа потопете ги во врела вода и оставете ги малку да стојат додека се одвои, односно да се излупи кората од нив.
  2. Отстранете ја кората и дршките, па излупените домати ставете ги во машина за отстранување на семките (специјална за кечап).
  3. Доматното пире се става на оган да зоврие и така се остава да врие најмалку 1 час.
  4. Потоа, во посебен сад се зема околу 2 кг од содржината и се остава да се излади.
  5. Во изладеното доматно пире се раствораат нишестето и шеќерот, а сенфот и киселината се мешаат добро во одделен сад, а потоа се додаваат кон останатите состојки. Добро се меша целата смеса.
  6. На крај, смесата од состојките се додава кон доматното пире кое врие на огнот и добро се меша за да се постигне еднаква густина на кечапот.
  7. Кечапот треба да се вари уште 10-15 минути, а при тоа треба постојано да се меша.
  8. Готовиот кечап се турва во претходно загреани тегли или стаклени шишиња и додека е жежок се затвораат.

Препораки: Кога го пакувате важно е тоа да го направите така што кечапот да е врел, а садот во кој ќе го складирате мора да е добро загреан, а потоа и убаво затворен за да се заштити од расипување. Љубителите на лут кечап можат да стават и луто пиперче за време на варењето, кое потоа можат да го отстранат или да го остават внатре.

На здравје!

Сподели: