Домашен леб со песто сос и пармезан

Колку убаво изгледа овој леб! Нашата драга Невена, инспирирана од италијанската кујна ни приготви мек, ароматичен и сочен леб со песто сос и пармезан. Песто сосот ни е еден од омилените кој досега сме го ставале во тестенини, а сега можеме да го искористиме на друг начин.

Ако не сте пробале или пак не сте запознаени со песто сосот, ќе ви кажеме неколку информации. Овој сос е карактеристичен за италијанската кујна и се приготвува од свеж босилек, маслиново масло и лук. Може да се набави од поголемите маркети, а исто така може да го направите и дома. Повелете рецепт за песто сос.

домашен леб со песто сос

Состојки:

  • 500 гр брашно
  • 125 мл топла вода
  • 125 мл топло млеко
  • 20 гр квасец
  • 3 лажици масло
  • 3 полни лажици песто сос
  • 2 лажици пармезан
  • 1 мала лажичка шеќер
  • ½ мала лажичка сол.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, пармезанот, шеќерот и солта. Измешајте ги состојките со лажица. Потоа додајте ги маслото, песто сосот, водата и млекото. Замесете меко, нелепливо тесто.
  2. Тестото оставете го на топло место за да нарасне двојно.
  3. Потоа размесете го и ставете го во намрсен правоаголен калап.
  4. Оставете го да нарасне уште 40 минути.
  5. Вака приготвениот леб ставете го да се пече во загреана рерна на 180 до 200 степени за време од 45 минути.
  6. Печениот топол леб со песто сос извадете го и оставете го кратко време да се излади.
  7. Послужете го топол со крем или јако сирење и домати, одлична комбинација!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате: Домашен интегрален леб.

Сподели: