marmalad od jagodi 1

Домашен мармалад од јагоди

Омилен ви е мармаладот од јагоди? И ние кога би избирале сигурно би го ставиле на прво место, од листата на домашни мармалади. А во денешно време ретко кој сака дома да прави мармалад од јагоди и често се случува да се посегне по готовите мармалади кои се наоѓаат на полиците во маркетите. 

Но, домашно си е домашно од повеќе причини. Рецептите за домашните мармалади најчесто се прават од свежо и здраво овошје и не содржат конзерванси, за кои се знае дека се штетни по здравјето на луѓето, а речиси ги содржи секој мармалад кој ќе го најдете во маркетите. Затоа е подобро да одвоите малку време и направите домашен мармалад од јагоди за целото семејство. Рецептот е веќе испробан, како што го правеле нашите баби, без денешните средства за желирање, конзерванси и други додатоци. Не содржи голема количина на шеќер, но сепак е многу сладок. Од наведените состојки ќе добиете 2 тегли мармалад, а едната сигурно веднаш ќе ја дегустирате.

мармалад од јагоди

Состојки:

  • 3 килограми јагоди
  • 1 кг шеќер
  • 4 ќесички ванилин шеќер по желба.

Подготовка:

  1. Јагодите добро измијте ги и исчистете ги од зелените ливчиња. Во шерпа или големо тенџере ставете ги јагодите и изгмечете ги со рацете. Потоа додајте го шеќерот и ванилиниот шеќер. Тенџерето покријте го со кујнска крпа и оставете ги јагодите преку ноќ. Наутро ќе забележите дека јагодите ќе пуштат сок.
  2. Тенџерето ставете го да се вари на силна температура, а штом забележите пена на површината намалете ја температурата и продолжете со варењето.
  3. На почетокот не е потребно да мешате, а штом течноста се намали, тогаш започнете со мешање и внимавајте мармаладот да не загори.
  4. По еден час од варењето, јагодите миксирајте ги со рачен блендер за да се добие хомогена смеса. Доколку немате рачен блендер, може да користите машина за мелење на месо или обичен блендер, а јагодите треба да се сомелете на почетокот пред да го додадете шеќерот.
  5. Мармаладот од јагоди варете го уште еден час. Штом при повлекување на лажицата се гледа дното на шерпата, тоа значи дека мармаладот е готов.
  6. Теглите добро измијте ги и ставете ги во загреена рерна да се исушат. Врелиот мармалад ставете го во топлите тегли. Потоа теглите добро затворете ги со капаци и превртете ги надолу, па така оставете ги до наредниот ден. На овој начин, во теглите се создава вакуум, па нема шанси мармаладот да ви се расипи.
  7. Теглите со мармалад од јагоди чувајте ги на ладно и темно место.

Ви предлагаме да прочитате: Направете дома џем од јагоди готов за 10 минути. 

Сподели: