Домашен сладолед од ванила

Веруваме дека на сите на убаво ни доаѓа кога во тропските горештини се освежуваме со сладолед. Нашата пријателка Лана од блогот Kuhinjica Mignone ни предлага одличен домашен рецепт за сладолед од ванила, во кој по желба може да додадете свежо овошје, кафе, лешници и слично.

сладолед од ванила

Состојки:

  • 250 мл млеко
  • 250 мл слатка павлака
  • стапче ванила (во замена може да користите ванилин шеќер или екстракт од ванила)
  • 6 жолчки
  • 125 грама шеќер.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган на средна температура, ставете го млекото, слатката павлака и додајте го стапчето ванила. Штом смесата ќе зоврие, тргнете го тенџерето на оган и оставете го да се излади за време од 10 минути.
  2. Во меѓувреме, во сад за матење ставете ги жолчките, шеќерот и изматете ги пенесто со миксер, додека смесата побели, а потоа внимателно додајте ги во врелото млеко.
  3. Тенџерето вратете го на ринглата и загревајте го повторно на средна температура додека започнат да се појавуваат меурчиња, за време од 5 до 10 минути.
  4. Смесата ставете ја во метален калап за сладолед и оставете ја некое време на собна температура да се излади, а потоа сладоледот ставете го во замрзнувач. Калапот може да го покриете со транспарентна фолија или со хартија за печење за да не се формираат кристали од мраз.
  5. По два часа, смесата извадете ја од замрзнувачот и промешајте ја, а потоа вратете ја назад на ладење.

Ова е основен рецепт за сладолед од ванила, а по желба може да додадете измиксано овошје (малини, банани и сл.), јаткасти плодови, кафе, цимет со што ќе добиете нови вкусови. Пред да го послужите сладоледот, калапот ставете го во обичен фрижидер малку да се опушти, а потоа сервирајте.

Сподели: