Домашен сок од тиква – без конзерванси

Кој ќе си направи домашен сок, ќе знае дека пие природно, витаминско и без додаток на конзерванси. Нели е така? Токму затоа, ви предлагаме еден супер рецепт за домашен сок од тиква, по предлог на Даниела. Дознајте како да се почестите себе и вашите сакани со чаша здравје!

Тиквата во исхраната на луѓето се користи многу одамна. Се смета дека потекнува од Северна Америка, а археолошките истражувања укажуваат дека тиквата се употребувала уште пред 5000 години. Тиквата е нискокалоричен зеленчук, кој во 100 грама има само 26 калории, а не содржи холестерол и заситени масни киселини. Тоа ја прави одлична храна која често пати ја препорачуваат нутриционистите кај лица кои што имаат покачен холестерол или пак за сите кои што сакаат да ја намалат својата телесна тежина. А доколку сакате да прочитате повеќе за хранливата вредност на тиквите, кликнете тука.

Домашен сок од тиква

Состојки:

  • 1,5 кг тиква
  • 4 л вода
  • 350 гр шеќер
  • 1 лажичка цимет
  • 3 лимони
  • 2 кесички ванилин шеќер

Подготовка:

  1. Тиквата се мие убаво, се лупи, се сече на парчиња и се налева со водата да се вари. Се вари додека убаво омекне.
  2. Откако ќе се свари, тиквата се вади од водата и убаво се пасира, па се миксира или се става во блендер.
  3. Водата каде што се вареше тиквата се цеди и се враќа на оган заедно со шеќерот да врие уште 10-тина минути. Количината на шеќер може да се зголеми по свој вкус, во зависност од тоа колку е блага тиквата.
  4. Миксираната тиква се пасира врз цедалка и се додава во засладената врела вода.
  5. Се додаваат циметот и ванилата и се остава сокот да врие 10 минути, а потоа се остава за убаво да се излади.
  6. Кон изладениот сок од тиква се додава исцеден сок од 3 лимони. Течноста се меша, а готовиот сок од тиква се полни во шишиња. Вака подготвениот сок се чува во фрижидер.

Сподели: