Домашна вегетаријанска пица со тиквичка

Речиси и да нема човек кој може да му одолее на ова ремек дело од италијанската кујна. Но за жал, кога помислуваме на пица првото нешто на што нѐ асоцира е на брза и нездрава храна. Но, тоа не е секогаш така! Доколку ја подготвите дома, со здрави состојки и зачини, таа може да биде навистина хранлив и вкусен оброк. Затоа имаме супер предлог. Направете вегетаријанска пица, а со сигурност ќе заштедите и некоја калорија во вашето дневно мени.

Овој рецепт е совршен за вегетаријанци и изобилува со зеленчук. Во продолжение погледнете го овој интересен рецепт и израдувајте ги вашите најблиски со парче вкусна и поздрава, домашна пица.

вегетаријанска пица

Состојки:

  • 1 лажичка сув квасец
  • ½ чаша млака вода
  • 1 лажица брашно
  • 1 ¼ чаша брашно (бело или интегрално по желба)
  • 1 лажичка маслиново масло
  • 1/3 лажица сол.

За фил:

  • 2 лажици доматно пире
  • 1 пиперка
  • 1 домат
  • 1 главица кромид
  • 100 грама шампињони
  • 1 помала тиквичка
  • неколку маслинки по желба
  • оригано по вкус
  • свеж босилек по вкус
  • 2 чешњина лук, ситно исечкани по желба
  • 1 лажичка маслиново масло
  • пармезан или кашкавал по желба
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Во мал сад ставете ги млаката вода, сувиот квасец и додајте една лажица брашно. Добро измешајте со лажица и оставете го квасецот да нарасне за време од неколку минути.
  2. Во подлабок сад за месење ставете една чаша брашно, сол по вкус, маслиново масло и нараснатиот квасец. Од оваа смеса замесете тесто. По потреба додајте уште малку брашно, за да добиете меко, лепливо тесто.
  3. Тестото обликувајте го во облик на топка.
  4. Садот во кој го месевте тестото, намрсете го.
  5. Тестото ставете го во намрсениот сад, покријте го со кујнска крпа и оставете го да отстои 15 минути.
  6. Работната површина, наросете ја со брашно.
  7. Ставете го тестото и со помош на рацете обликувајте го во големина на тавата за печење.
  8. Тавата обложете ја со хартија за печење. Ставете ја кората и оставете ја уште дополнителни 3 минути да отстои.
  9. Во меѓувреме загрејте ја рерната на 220оC.
  10. Кромидот, тиквичката, доматот и пиперката исечкајте ги на кругови. Потоа, пресечете ги на половина. Отстранете ги семките на маслинките. Печурките исечете ги на листови.
  11. Тестото премачкајте го со доматното пире и наредете го со круговите кромид, сечканите тиквички, пиперката, доматот, маслинките и печурките.
  12. Лукот ситно исечкајте го или испасирајте го со преса.
  13. Во сад измешајте го исечканиот лук со една лажичка маслиново масло, малку сол и оригано и со оваа смеса прелијте ја пицата.
  14. Врз пицата ставете пармезан или рендан кашкавал.
  15. Вака подготвената пица печете ја околу 17-18 минути, додека нејзините рабови поруменат.
  16. Исечете ја на парчиња и послужете ја со сечкан свеж босилек. Добар апетит!

Ви препорачуваме да прочитате: Морска пица со тиквички.

Сподели: