домашни интегрални колачи

Домашни интегрални грицки

Убавото време е мотиватор за да патуваме често, а изборот на храна која може да се носи и да биде здрава и домашна е многу ограничен. Ви предлагаме еден рецепт за домашни интегрални грицки директно од кујната на Сѐ за храна.

Овие солени залчиња ќе ви овозможат вкусна закуска каде и да сте кога и што ќе посакате. Ние ќе ви дадеме идеја, а вие по желба можете да додавате или заменувате состојки, соодветно на вашиот вкус и креативноста во кујната.

домашни интегрални колачи

Состојки:

  • 1 шолја овесни снегулки
  • 2-3 грста штавеј, спанаќ, блитва или друг зеленчук по желба
  • 1/2 до 1 лажица сол (по вкус)
  • 100-150 гр сирење (по желба)
  • 50 гр лупен сончоглед
  • 2-3 лажици ленено семе
  • 1 јајце
  • 100 гр сусам
  • 1/2 ќесичка ким
  • 100 гр трици
  • 1/2 филџан брашно (може да користите бело доколку немате интегрално)
  • 1/2 филџан масло
  • 300 мл пиво.

Подготовка:

  1. Откако сте ги набавиле сите состојки и ги имате на располагање, зеленчукот (штавеј, спанаќ, блитва или друг зеленчук по желба) измијте го и ситно исечкајте го, а сирењето иситнете го.
  2. Во поголем сад, ставете ги сите состојки и убаво измесете ја смесата, додека не се соединат сите состојки.
  3. Во намрсена тава за печење, а доколку сакате може да ги печете врз пекарска хартија, директно ставајте ги формираните грицки. За што полесно формирање на домашните интегрални грицки, за обликувањето може да користите кујнска лажица.
  4. Интегралните грицки се печат малку подолго од оние направени од бело брашно, на температура од 200 степени додека убаво не заруменат и не постигнат доволна цврстина.

Сподели: