tortelini vo sos 1

Домашни тортелини во сос од сланина и пармезан по италијански рецепт

Вкусен италијански специјалитет за целото семејство! Ако сакате да направите нешто вкусно, тогаш вреди да издвоите време и да направите домашни тортелини во сос од сланина и пармезан по италијански рецепт.

Штом еднаш ќе ги пробате, сигурни сме дека ќе бидат дел од вашите омилени јадења. Одете во кујна и направете ги највкусните домашни тортелини во сос од сланина и пармезан.

тортелини во сос

Состојки:

  • 400 гр Екстра бело брашно од Жито Лукс
  • 4 големи јајца

За фил:

  • 150 грама мелено месо
  • 80 грама мортадела
  • 80 грама чадена сланина
  • 150 грама рендан пармезан
  • 1 големо јајце
  • 20 грама путер
  • морско оревче по вкус.

За сос:

  • 2 лажици путер
  • 2 чешниња ситно сечкан лук
  • 8 тенки ленти пропржена сланина
  • 70 грама рендан пармезан
  • ½ чаша млечна павлака за готвење
  • 2 лажици ситно сечкан магдонос
  • ½ лажичка свежо мелен црн пипер.

Подготовка:

  1. Врз работната маса ставете го брашното. Во средината направете дупка и додајте ги јајца. Јајцата и брашното матете ги со виљушка, а потоа замесете тврдо тесто. Тестото завиткајте го во фолија и оставете го да одмори два часа, а може и подолго.
  2. Во меѓувреме припремете го филот. Во тава на оган ставете го путерот да се растопи, а потоа додајте го меленото месо и кратко пропржете. Запрженото месо извадете го од тавата и оставете го да се излади.
  3. Мортаделата ситно изрендајте ја, а сланината ситно исечкајте ја.
  4. Во блендер ставете ги изладеното пропржено мелено месо, мортаделата и сланината. Кратко миксирајте, а потоа додајте ги ренданиот пармезан и јајцето. Повторно кратко миксирајте за да се добие хомогена смеса. Филот зачинете го со морско оревче, црн пипер и посолете по вкус.
  5. Потоа, поделете го тестото на 3 дела и секој дел истанчете го во правоаголна кора, па исечете го на квадрати со еднаква големина. Доколку имате на располагање, може да користите и машина за формирање на кори.
  6. На секое квадратче, во средишниот дел ставете по малку фил, а потоа преклопете ги по дијагонала за да добиете триаголник.
  7. Преклопете ги краевите на тестото преку прстот и благо притиснете ги за подобро да се залепат. На истиот начин направете тортелини и од останатото тесто, па оставете ги малку да се потсушат. Половина од тортелините спакувајте ги и замрзнете ги за нареден пат.
  8. Во големо тенџере на оган ставете вода да се вари. Во зовриената вода додајте половина од тортелините и оставете ги да се варат за време од 15 до 20 минути. Варените тортелини извадете ги и исцедете ги од течноста.
  9. Во тава на оган на ниска температура ставете го путерот да се растопи. Во растопениот путер додајте го ситно сечканиот лук и пропржете го за време од 1 минута, додека омекни.
  10. Тавата тргнете ја од огнот и додајте ги варените тортелини, пропржената сланина исчекана на мали парчиња, ренданиот пармезан и млечната павлака. Убаво измешајте со лажица и додајте го сечканиот магдонос. На крај, домашните тортелини во сос зачинете со свежо мелен црн пипер и послужете. На здравје!

Сподели: