Егзотично пилешко со карамелизирани портокали

Одличен рецепт за да подготвите пилешко месо на уникатен начин кој ќе ги фасцинира вашите дегустатори! Кате ни предложи комбинација на внимателно избрани состојки и зачини, која ќе ве одведе во еден нов кулинарски свет и вкус кој асоцира на егзотични патувања, а кој не би уживал во нив, нели?

егзотично пилешко со карамелизирани портокали

Состојки:

За подготовка на месо:

  • 400 гр пилешки гради
  • 1 младо кромидче
  • 1 филџан (130 мл) топло млеко
  • 1 ќесичка (0,1 гр) шафран
  • 3 лажици соја сос
  • малку рендан свеж ѓумбир
  • 2 лажици брашно
  • сол, црн пипер по потреба
  • маслиново масло и топла вода по потреба.

За подготовка на карамелизирани портокали:

  • 2 портокали
  • 2-3 лажици шеќер
  • сок од половина портокал
  • мелено каранфилче на врв од лажиче.

Подготовка:

  1. Месото исечете го на коцки, а потоа посолете и наросете со црн пипер.
  2. Измешајте за да ги прими зачините, а потоа посипете го со брашното и пак измешајте.
  3. Во тава на оган ставете маслиново масло да се загрее, па додајте го кромидчето исечено на кругови или ситни коцки.
  4. Кратко пропржете и додајте ги парчињата месо.
  5. Пржете додека месото ја промени бојата.
  6. Во топлото млеко растворете го шафранот, па додадете го во тавата.
  7. Додајте го соја сосот и малку рендан ѓумбир.
  8. Оставете го месото да се готви на тивок оган и повремено додавајте топла вода.
  9. Во друга тава на оган ставете го шеќерот и сокот од исцедниот портокал.
  10. Откако малку ќе се згусти додајте ги парчињата портокал.
  11. На крај, додадете мелено каранфилче и оставете на тивок оган да се карамелизира, па послужете ги со пилешкото месо.

На здравје!

Сподели: