Еднодневна посета на Галичка свадба, Галичник и Јанче

Заедно да ја истражиме македонската традиција и култура! Галичката свадба e манифестација која се одржува секоја година околу празникот Петровден (12 јули) во мијачкиот центар Галичник на планината Бистра. Богата е со многу единствени свадбарски обичаи и ритуали. Во деновите на свадбата, пиштат зурлите и ечат тапаните на тешкото, со сиот подземен и надземен екот кон каменот на Бистра и небесниот свод.

Тие придружници на печалбарите на овој крај на Македонија, секогаш ја најавуваат Галичката свадба која е со најмногу сватови. Галичката Свадба во своето опстојување придонела да се негуваат единствените свадбарски обичаи и ритуали, на жителите од овој крај, да се сочувааат изворните песни, ора и надалеку познатата галичка носија, изработена со филигранска прецизност и точност на терзиите. Секоја година посебна комисија избира двајца млади кои ќе се венчаат на Галичката свадба. Еден од предусловите е барем еден од младите да потекнува од Галично семејство.

Секоја година за време на Галичката свадба, се почитуваат голем број на обичаи кои ја карактеризираат оваа свадба: чукањето на тапаните, свекрвино оро, носењето на невестата на вода, поставувањето на свадбарскиот бајрак, канењето на мртвите, бричењето на зетот, земањето на невестата, замесувањето на лебот, венчавањето во црквата „Св. Петар и Павле”, и други обичаи, кои полека изумираат но кои во себе содржат и кријат многу детали од животот на Галичанецот во минатото. Во Галичник сега живеат само двајца жители, но на Петровден доаѓаат илјадници посетители и туристи кои доаѓаат да ја гледаат оваа Галичка свадба.

галичка свадба

Галичник и Јанче живееле заедно и создавале несекојдневно единство меѓу нивната архитектура и природниот пејзаж. Архитектурата на овие две населби е родена во ретко виден природен амбиент и меѓу себе е поврзана со прекрасен планински, Македонски алпски пејзаж. Оваа архитектура претставува најубава потврда за природните ткаења и заемни растења во овој простор на каменот и дрвото, земјата и водата, сонцето и воздухот, месечината и ѕвездите, за чардакот и ридот, за градот и предградието. Чудесната структура на оваа народна архитектура и во Галичник и во Јанче меѓусебно е поврзана со сивите карпи, зелените шуми, бистрата вода, небеското синило и ѕвездените ноќи и месечината.

Повелете и придружете ни се! Резервирајте додека има место, бројот е ограничен! Поаѓањето е во недела во 7:00 часот, пред Спортската сала „Младост“, Битола, на 17.07.2016 година. Вашето место може да го резервирате најкасно до на 14.07.2016. Превозот ќе биде со комбе или минибус од МИГ Травел, а за реализација на патувањето се потребни минимум 20 патници. Цената на превозот изнесува 650 денари. За повеќе информации и резервации, контактирајте нѐ на 075 861 907, секој работен ден од 10 до 20 часот.

Сподели: