похуван кашкавал

Едноставен рецепт за похуван кашкавал

Супер мезе за добро друштво! Многумина сметаат дека похуваниот кашкавал е тешко да се направи, а ние ви предлагаме одличен рецепт од нашата кујна, кој е испробан безброј пати. Доколку ги следите инструкциите секогаш ќе добиете идеални парчиња похуван кашкавал.

Како дополнување со вкусното мезе направете и похувани пилешки прсти, похувани прстени од кромид и похувани маслинки.

похуван кашкавал

Состојки:

  • 300 грама кашкавал
  • 100 грама лебни трошки
  • брашно по потреба
  • 2 јајца
  • сол по вкус
  • масло по потреба.

Подготовка:

  1. Кашкавалот исечете го на коцки со дебелина од 1 см и ширина 2 см. Парчињата кашкавал ставете ги во замрзнувачот, најмалку 20 минути.
  2. Јајцата ставете ги во длабока чинија и изматете го со виљушка. Посолете ги по желба.
  3. Во чинија ставете го брашното, а во друга чинија ставете ги лебните трошки.
  4. Парчињата кашкавал прво извалкајте ги во садот со брашното, потоа ставете ги во садот со јајца. На крај извалкајте ги во садот со лебните трошки. По желба, може да ја повторите постапка со потопување на кашкавалот во изматените јајца и лебните трошки.
  5. Во длабока тава или тенџере ставете поголема количина на масло да се загрее. Приготвените парчиња кашкавал кратко пржете ги во врелото масло од двете страни додека добијат убава румена боја. Пржените парчиња кашкавал извадете ги од маслото и ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.

Топлиот похуван кашкавал послужете го во комбинација со тартар сос. На здравје!

Совет плус: За поздрава варијанта ви предлагаме наместо да го пржите, кашкавалот да го припремите со печење во загреена рерна.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: