ролат со јагоди

Едноставен ролат со јагоди

Лесно, пролетно, брзо и многу вкусно! Јагодите се симбол на пролетта и се омилено овошје на многумина, а десертите приготвени со нив се освежителни и сите ги сакаат. Токму затоа ви претставуваме едноставен рецепт за ролат со јагоди.

Убаво изгледа и вреди да се проба.

ролат со јагоди

Состојки:

  • 6 лажици брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 6 јајца
  • 6 лажици шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер

Фил:

  • 2 ќесички прашок за пудинг од ванила
  • 500 мл млеко
  • 3 лажици шеќер
  • 200 мл слатка павлака
  • 300 грама јагоди.

Подготовка:

  1. Во чинија ставете го брашното и прашокот за печиво. Измешајте ги со лажица.
  2. Белките одвојте ги од жолчките. Во длабок сад за матење ставете ги белките и шеќерот. Матете со миксер додека се добие густ шлаг.
  3. Во друг за матење ставете ги жолчките, ванилиниот шеќер и изматете ги со миксер.
  4. Во садот со белките додајте ги жолчките и измешајте со лажица. Потоа, додајте го брашното измешано со прашокот за печиво. Измешајте со лажица.
  5. Смесата за пандишпан ставете ја во плех обложен со хартија за печење и убаво израмнете ја. Плехот ставете го да се пече во загреена рерна на 220 степени за време од 10 до 15 минути, додека порумени. Печениот пандишпан извадете од рерната и оставете го кратко време да се излади. Потоа, превртете го и отстранете ја хартијата. Пандишпанот ставате го врз влажна кујнска крпа и свиткајте го како ролат.
  6. Во меѓувреме пригответе го филот. Во тенџере на оган ставете 400 мл млеко да се вари.
  7. Во длабока чинија ставете ги пудинзите и шеќерот, и измешајте ги со лажица. Во чинијата ставете го преостанато млеко и измешајте за да се добие хомогена смеса.
  8. Во зовриеното млеко ставете го пудингот и мешајте за време од 3 до 4 минути додека се добие густ крем. Варениот пудинг извадете го од оган и оставете го да се излади.
  9. Слатката павлака изматете ја со миксер. Во садот со слатката павлака додајте го изладениот пудинг и изматете ги за да се добие хомоген фил. Од филот одделете 1/3 која ќе ја користите за премачкување на ролатот.
  10. Јагодите исечкајте ги и додајте го филот.
  11. Врз пандишпанот нанесете го филот со јагоди и свиткајте ролат. Ролатот премачкајте го со преостанатиот фил и декорирајте го со свежи јагоди по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Еклери со јагоди и ванила крем.

Сподели: