Едноставни ќофтиња од леќа

Ако досега сте ја јаделе леќата само во чорби, сега ќе имате уште еден рецепт во вашата тетратка со омилени рецепти. Овој креативен рецепт за ќофтиња од леќа ни го испрати Катерина, а благодарение на неа, сите ќе може да ги пробаме овие вкусни и сочни ќофтенца.

Лесно и едноставно се прават, а се одличен предлог како предјадење или главно јадење во комбинација со свежа салата. А штом ги пробате, не заборавајте да ни напишете во коментар како ви се допаднале.

ќофтиња од леќа

Состојки:

  • 70 грама леќа
  • 1 главица кромид
  • 2 кришки леб
  • 1 јајце
  • 1 лажица пармезан
  • 2-3 лажици лебни трошки
  • млеко по потреба за потопување на лебот
  • сол, црн пипер, масло
  • лебни трошки за панирање.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган на средна температура ставете вода и додајте ја леќата. Оставете леќата да се вари, а повремено мешајте ја. Тенџерето со варената леќа тргнете го од огнот, а леќата исцедете ја и ставете ја во длабок сад.
  2. Кромидот изрендајте го.
  3. Во тава на оган ставете малку масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го ренданиот кромид и кратко време запржете го. Во тавата додајте ја цедената леќа, измешајте и продолжете со пржење уште 2 до 3 минути. Тавата тргнете ја од оган и оставете леќата да се излади.
  4. Во меѓувреме кришките леб ставете ги во чинија и потопете ги со млеко. Потоа, кришките леб добро исцедете ги.
  5. До длабок сад ставете ги изладената леќа, кришките леб, јајцето, пармезанот и лебните трошки. Измешајте ги, посолете ги по вкус и наросете мелен црн пипер.
  6. Од смесата формирајте ќофтиња, увалкајте ги во лебни трошки и пржете во загреано малсо.
  7. Испржените ќофтиња од леќа извадете ги на кујнска хартија да се впие вишокот мрснотија и послужете ги со свежа салата. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Ќофтиња од тиквичка и бајат леб.

Сподели: