Здрава проја со семиња - без глутен

Здрава проја со семиња – без глутен

И овој рецепт за здрава проја со семиња доаѓа директно од нашата кујна. Пред да ви го предложиме ние го пробавме и можеме да ви потврдиме дека вкусот е пријатен и пожелен за почеста консумација и тоа од сите членови на семејството. Слично како и пројата со блитва, може да го користите и како замена за леб, не дебели и погодна е за малку порестриктивен режим на исхрана или подобро речено за избор на здрава листа на храна.

Како важна информација која мора да ја спомнеме за сите кои патат од интолеранција на глутен е тоа што оваа проја со семиња не содржи глутен. Глутенот е протеин кој се среќава во група житни растенија, како што се пченица, ‘рж, јачмен, а неговата улога е да и помогне на храната да ја задржи својата форма, заради што често се опишува како леплива растеглива материја. Сензитивноста на глутен е дефинирана како повлекување на симптомите по елиминирање на храната која го содржи глутенот,а повеќе за симптомите може да дознаете тука.

Здрава проја со семиња - без глутен

Лесно се комбинира со разни јадења како ајвар, јогурт, павлака, намази како што се вегетаријански намаз од зеленчук, домашен намаз од крем сирење, здрав намаз од маслинки, разни сосови кои можете да ги направите дома како што е зазики сос, тартар сос и слично.

Состојки:

  • јајца
  • 300 гр пченкарно брашно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 50 гр ленено семе во зрно
  • 3 рамни лажици мелено ленено семе
  • 2 рамни лажици афионово семе
  • 2 рамни лажици чиа семе
  • 2 лажици сусам
  • 3 лажици семки од тиква
  • 2 лажици сончоглед
  • 100 мл млеко
  • 3 лажици масло
  • 1 мало лажиче сол
  • прстофат мешавина од сусам, ленено семе и семки од тиква за одозгора.

Подготовка:

  1. Во сад за матење изматете ги јајцата со миксер додека се појави трага од маталките при матењето. Доколку немате миксер може да употребите и рачна мешалка, во секој случај ќе добиете одлична проја. Што се однесува на јајцата, препорачуваме да стојат барем неколку часа на собна температура.
  2. Додавајте ги прво течните состојки – млекото и маслото.
  3. Потоа преминете кон додавање на сувите состојки. Додајте го пченкарното брашно, претходно измешано со прашокот за печиво.
  4. Додајте ја солта и сите семиња, а потоа повторно измешајте со лажицата.
  5. Припремената смеса ставете ја да се печи во тава со големина 26-28, која сте ја обложиле со хартија за печење. По потреба зарамнете ја површината со помош на лажицата.
  6. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, за време од 20-25 минути. Со помош на дрвена чепкалка боцнете и проверете дали ќе остане залепена смеса на неа. Доколку нема остатоци, печената проја со семиња извадете ја од рерна и покријте ја со платнена крпа. Оставете ја да стои така околу 10 минути за полесно да се оддвои хартијата.

На здравје!

Сподели: