Здрава салата со просо, спанаќ и бадеми (оброк) 1

Здрава салата со просо, спанаќ и бадеми (оброк)

По повод зачувување на здравјето на срцето и крвните садови, како што знаете, неодамна се одржа настанот „Здрави навики, за здрав срцев ритам“, а истиот беше најавен и на некои национални телевизиски медиуми. За време на гостувањето во утринската емисија подготвивме два лесни и брзи рецепти за здрава салата со просо и бомбици.

Салатата е одлична и како оброк, па ако сакате да ја јадете како вечера или да ја понесете со себе на работа, нема да згрешите. Просото е посебно богато со растителни влакна и протеини, а не содржи глутен. Лесно се подготвува и нема потреба од претходно потопување во вода. Спанаќот е богат е со витамин Е, Ц и бета каротен кои се сојузници во борбата против атеросклероза. Најдобро е да се јаде обарен или свеж во салати. Бадемите се богати со витамин Е, кој е важен за добар тонус и изглед на кожата. Најдобро е да ги јадете непечени, затоа што се полни со флавоноиди – материи важни за заштита на здравјето на срцето. Тие се одличен извор на моно незаситени киселини.

Здрава салата со просо, спанаќ и бадеми (оброк) 3

Доколку ве интересира десертот кој го подготвивме за зачувување на здравјето на срцето, рецептот за здрави бомбици со темно чоколадо и овесни снегулки го имате на линков.

Состојки:

  • 1 чаша просо
  • 1 помала главица кромид
  • 1 чешне лук
  • 200-250 грама спанаќ
  • маслиново масло по потреба
  • сол и црн пипер по вкус
  • ½ лажичка ким
  • куркума по вкус
  • чили по вкус
  • 3 лажици сечкани бадеми.

Подготовка:

  1. Во тенџере ставете 3 чаши вода да се вари, затоа што толку е потребно за да се свари предвидената количина на просо.
  2. Во меѓувреме исчистете ги кромидот и лукот, ситно исечкајте ги, па ставете ги да се запжат во малку маслиново масло.
  3. Спанаќот измијте го и исечкајте го.
  4. Во тавата со кромидот и лукот, додајте половина од свареното и исцедено просо, па заедно малку пропржете ги.
  5. По неколку минути додајте го и сечканиот спанаќ и оставете кратко да стои на оган.
  6. На крај, додајте го остатокот од просото и зачинете со куркума, чили, ким, сол и црн пипер по вкус.
  7. Бадемите малку исечкајте ги и со нив завршете ја декорацијата на здравата салата, па послужете. На здравје!
Здрава салата со просо, спанаќ и бадеми (оброк) 2

Ви препорачуваме да прочитате: Здрава салата со кинеска зелка, семиња и урда.

Сподели: