Здрави печени ќофтиња со модри патлиџани и тиквички

Вегетаријански, здрави, печени и што е најважно многу вкусни! Баш вака можеме да ги опишеме здравите печени ќофтиња со модри патлиџани и тиквички кои ги приготвивме во нашата кујна.

И овој пат, инспирација ни беа производите на македонската иновативна компанија Фила кои секојдневно ги користиме во исхраната. Така, приготвивме здрав и вкусен ручек за целото семејство. Ќофтињата може да ги послужите со салата, сос или да ги ставите во сендвичи. Од наведената количина на состојки ќе добите 12 до 15 ќофтиња, а по потреба може да ја зголемите или намалите нивната количина.

печени ќофтиња со модар патлиџан и тиквички

Состојки:

  • 3 помали тиквички
  • 2 помали модри патлиџани
  • ½ главица кромид
  • 1 до 2 лажици ладно цедено сончогледово масло од Фила
  • 2 лажици ленено семе од Фила
  • 2 јајца
  • 1 лажица чиа семе
  • 2 лажици овесно брашно
  • 2 лажици пченкарно брашно
  • 1 мала лажичка оригано
  • лук во прав
  • сол и мелен црн пипер по вкус
  • пченкарно брашно и мак за похување.

Подготовка:

  1. Тиквичките ги лупиме и ги рендаме на крупната страна на рендето. Ги ставаме во длабок сад и ги посолуваме. Ги оставаме околу 15 до 20 минути за да ја испуштат течноста.
  2. Во меѓувреме, на крупната страна од рендето ги рендаме модрите патлиџани. Исто како и тиквичките, ги ставаме во подлабок сад и ги посолуваме. Ги оставаме за време од 5 до 10 минути.
  3. Кромидот ситно го сечкаме.
  4. Во нелеплива тава на оган го ставаме ладно цеденото масло да се загрее. Во загреаното масло го додаваме кромидот и го запржуваме додека омекне. Штом кромидот омекне и добил златеста боја, во тавата ги додаваме претходно исцедените модри патлиџани.
  5. Зачинуваме со сол, мелен црн пипер, лук во прав и оригано. Мешаме со дрвена лажица додека модрите патлиџани се запржат, околу 5 до 10 минути. Тавата со модрите патлиџани ја тргаме од огнот и оставаме кратко да се изладат.
  6. За тоа време добро ги цедиме тиквичките од течноста и ги ставаме во длабок сад. Во садот ги додаваме запржените модри патлиџани и мешаме за да се соедини смесата. Потоа ги додаваме јајцата, лененото семе, чија семето, овесното брашно и пченкарното брашно. Ги мешаме и ја оставаме смесата околу 5 минути. Доколку смесата е многу течна, може да додадете пченкарно или овесно брашно. Внимавајте да не биде многу тврда, затоа што треба да добиете меки и сочни ќофтиња.
  7. Тавата ја обложуваме со хартија за печење.
  8. Во чинија ставаме 4-5 лажици пченкарно брашно и 1 лажица мак. Мешаме со лажица.
  9. Со помош на поголема лажица или мал мерен сад земаме од смесата. Формираме ќофтиња кои ги валкаме од двете страни во пченкарното брашно. Потоа ги редиме во тавата.
  10. Ќофтињата ги ставаме да се печат во загреана рерна на 220 степени за време од 15 минути. Потоа тавата ја вадиме од рерната и ќофтињата ги превртуваме да се печат од другата страна уште 5 минути.
  11. Печените ќофтиња со модри патлиџани и тиквички ги служиме со сос по желба. На здравје!
печени ќофтиња со модар патлиџан

Ви предлагаме да прочитате: Печени ќофтиња со тиквички и туна.

Сподели: