здрав чоколаден сладолед

Здрав чоколаден сладолед со портокал

Со затоплувањето на времето сите сме во очекување на летното расположение, одмор, долги вечери покрај море, планина или во зелените паркови. Гледано од кулинарски аспект, летото е синоним за освежителниот сладолед кој сите го обожаваат. И ние сакаме сладолед, па затоа ви претставуваме здрава варијанта на чоколаден сладолед, кој се прави од кокосово млеко, банана, какао и портокал, по рецепт од нашата пријателка Диана.

Ароматичното кокосовото млеко е богато со минерали како манган, железо, магнезиум, фосфор, калиум и селен, а од витамините преовладуваат фолната киселина и витаминот Ц. Богато е со здрави масти, кои го стимулираат метаболизмот и функцијата на тироидната жлезда, па се препорачува како дел од исхраната кај лица кои сакаат да ја намалат телесната тежина. Какаото го подобрува здравјето и расположението, а содржи повеќе од 300 состојки кои имаат позитивно дејство врз организмот, кожата и мозокот.

здрав чоколаден сладолед

Состојки:

  • 400 мл кокосово млеко
  • 1/3 чаша какао
  • ¼ чаша кафеав шеќер, или по вкус
  • 1 лажица мед
  • 1 мала лажичка ликер од портокал
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 1 мала лажичка кора од портокал/лимон
  • 1 мала лажичка инстантно кафе
  • 1 банана
  • По желба може да се додаде: суво грозје, мелени ореви, мелени колачиња и чоколадо.

Подготовка:

  1. Бананата се сече на кругови. Парчињата банана се ставаат во најлонска кеса и се замрзнуваат за време од 1  до 1,5 часа.
  2. Кокосовото млеко се меша со какаото, шеќерот и кората од портокал/лимон. Смесата се става во сад на оган и се меша, додека зоврие.
  3. Потоа, садот се трга од оган, а смесата се прецедува. Во процедената смеса се додаваат ликерот, ванилата, кафето и се засладува со медот. Се остава да се излади.
  4. Замрзнатите парчиња од банана се миксираат во блендер со поголема брзина, а постепено се додава чоколадната смеса.
  5. Кремастата смесата за чоколаден сладолед се става во калапи или во длабок пластичен сад со капак и се остава во замрзнувач за време од 12 часа, а најдобро е преку ноќ.
  6. Пред сервирање, калапите за сладолед се ставаат во топла вода за време од 30 секунди, а потоа се вадат формите. Сладоледот може да се сервира со парчиња банана или кокос. На здравје!

Сподели: