Зелник со праз и тиквички

Зелник со праз и тиквички

Кога станува збор за зелник, сите ќе се согласиме дека е превкусен со секаков фил, а оценката најмногу зависи од вкусот на дегустаторот и секако умешноста на оној кој го подготвува. Ние сме сигурни во вкусот на зелник со праз и тиквички, бидејќи е предлог од Клара, која редовно ни предлага докажани вкусови. Па, да го пробаме пријатели! 

Зелник со праз и тиквички

Состојки:

За тесто:

  • 700 гр брашно
  • 1 лажиче сол
  • 1/2 лажиче шеќер
  • 1 лажиче винска киселина
  • 10 гр свеж квасец
  • околу 350 мл млака вода
  • 250 гр маргарин.

Фил:

  • 4-5 страка праз (доколку го ставате само светлиот дел, а ако го употребувате и зелениот дел намалете ја количината)
  • 1 помала тиквичка
  • 300 гр урда
  • 4 јајца
  • сол по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво припремете го филот за да може да се излади до филовањето, бидејќи топлиот фил може да го измени квалитетот на тестото и да го направи неубаво за јадење.
  2. Ситно исечканкиот праз се потпржува со малку масло. Откако ќе пржи околу 5-6 минути, се додава и тиквичката исечкана на мали коцки, а кога убаво ќе омекнат, се додава урдата.
  3. Се пржи додека испари течноста и убаво се распореди низ содржината.
  4. Тргнете ја тавата на страна, а потоа додадете ги јајцата и убаво измешајте. Садот вратете го повторно на оган и околу 2 минути мешајте за убаво да се поврзи смесата.
  5. Од наведените состојки замесете мазно тесто. Најпрво се замесува во вангла, а потоа се префрла на работната маса и убаво се измесува најмалку 5 минути. За да биде што помазно на крај можете да го удрите неколку пати од работната површина (т.н. тепање на тестото), а потоаотоа се дели на 2 дела , се покрива и се остава 10-15 минути да одмори.
  6. Секој дел се развлекува тенко во кружна форма. Се премачкува со маргарин и се засекува од периферија до половина на кругот, така што во средината ќе остани незасечен круг од тестото. Накрсно секое засечено парче се преклопува кон центарот, при што исто така одозгора се премачкува со маргарин и постапката се повторува со сите делчиња, освен најгорното.
  7. Така здиплени тестата се ставаат во рамна чинија и се оставаат во фрижидер половина час или во замрзнувач 10-15 минути.
  8. Од двете теста посебно се сучи правоаголна тенка кора малку поголема од плехот на шпоретот. Едната се раширува врз намрсениот плех, а краевите се оставаат да висат на работ.
  9. Рамномерно се распоредува филот и врз него се поставува другата развлечена кора, малку набрана само до внатрешните страни на плехот, а рабовите на долната кора се виткаат навнатре над втората кора.
  10. Маргаринот треба да ви биде поделен на 3 дела. По една третина за премачкување на корите и последната третина употребете ја врз зелникот распоредувајќи ја во ситни парчиња.
  11. Печете на 200 степени, околу 30 минути.
  12. Топлиот зелник, внимателно испрскајте го одозгора со ладна вода (користете ги рацете навлажнувајќи ги) и покријте го со платнена салфета малку да се излади, барем 15-тина минути.
  13. На крај, исечете го парчиња по желба и уживајте со чаша ладен јогурт или кисело млеко.

На здравје!

Рецептот го испратил: Клара Бос.

Сподели: