здрава интегрална пица

Здрава интегрална пица Маргарита

Сите обожаваат пица, но нутриционистите често ја вбројуваат пицата во групата на нездрава храна. А сега може да уживате во вкусот на вашата омилена пица без да ги броите калориите! Ви предлагаме одличен здрав рецепт за интегрална пица Маргарита.

Во 1889 година, на кралицата на Италија, Regina Margherita и била понудена пица која ги содржи сите бои на италијанското знаме. Творецот на пицата Raffaele Esposito над тестото ставил домати, моцарела и лисја од босилек. Верен на рецептот, Roberto Caporuscio ја припремил оваа пица во својот ресторан во Питсбург, со тоа што моцарелата и маслиновото масло кои ги користел биле со екстра квалитет и увезени од Италија, а шери доматите и босилекот биле одгледувани органски, специјално по нарачка за потребите на ресторанот. Така пица Маргарита станала позната насекаде во светот.

здрава интегрална пица

Состојки:

  • 250 грама интегрално брашно
  • 1 мала лажичка сув квасец
  • ½ мала лажичка сол
  • ½ чаша млака вода
  • 2 лажици масло
  • ½ чаша доматен сос
  • 6 до 8 шери домати
  • 150 грама моцарела
  • 5 свежи листови босилек
  • сол и црн пипер
  • маслиново масло.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го квасецот и водата. Оставете го да нарасне за време од 5 минути. Во садот со квасецот додајте го интегралното брашно, солта и маслото. Замесете меко тесто. По потреба додавајте уште брашно.
  2. Тестото ставете го во сад наросен со брашно и покријте го со кујнска крпа. Оставете го на топло место да нарасне за време од 45 минути.
  3. Моцарелата исечете ја на тенки листови.
  4. Со помош на сукало, од тестото исучете тенка кора. Кората ставете ја во намрсена тава. Врз кората ставете го доматниот сос и распоредете го убаво. Над доматниот сос ставете ја моцарелата и листовите босилек. Пицата попрскајте ја со една лажица маслиново масло.
  5. Пицата ставете ја да се пече во загреана рерна на 250 степени за време од 10 минути до 15 минути, додека тестото стане крцкаво на допир по рабовите.
  6. Печената интегрална пица извадете ја од рерната, исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Сподели: