домашни интегрални варени ѓевречиња

Интегрални варени ѓевречиња

Голем број од нас обожаваат да го започнат денот со варен ѓеврек и чаша јогурт, а секако најлесно е да ги набавиме од маалската продавница во соседството или најблиската пекара до нашето работно место. Ние ви припремивме рецепт кој ќе ви овозможи избор на потврден квалитет за она што го јадете, па ви предлагаме да ги пробате и вие нашите интегрални домашни ѓевречиња.

Овој рецепт доаѓа доаѓа директно од нашата кујна и можете да бидете потполни сигурни во прекрасниот вкус на домашно приготвените интегрални ѓевречиња, а за љубителите на ѓевречиња од бело брашно рецептот е тука.

домашни интегрални варени ѓевречиња

Состојки:

  • 700-800 гр интегрално грахам брашно
  • околу 100 гр пченични трици
  • 70 гр ленено семе
  • 1 коцка квасец
  • 2-3 лажици масло
  • 1 мала лажичка сол
  • 1 рамна мала лажичка шеќер
  • сусам по потреба (околу 400 грама)
  • 2-3 лажици мед.

Подготовка:

  1. Во сад за месење се ставаат квасецот заедно со солта, шеќерот и малку брашно.
  2. Се додава околу 100 мл млака вода и добро се меша.
  3. Откако квасецот ќе се растопи, во садот за месење се додаваат уште 400 мл млака вода, остатокот од брашното, триците, лененото семе и маслото.
  4. Тестото се меси добро се додека престане да се лепи по рацете и стане доволно мазно. Треба да знаете дека интегралното тесто е различно од тестото припремено од бело брашно, па затоа пожелно е подолго да се меси. А, исто така треба да знаете дека е малку потврдо од тестото од бело брашно.
  5. Добро измесеното тесто се дели на мали топчиња, зависно од вашата желба за големината на ѓевречињата (ѓевречињата на прикажаната слика се направени од топчиња големи колку помало јајце).
  6. Секое од направените топчиња поединечно се сукаат со раце, за да добијат долгунеста форма која потоа се поврзува во ѓеврече (трудете се да ги поврзете што подобро бидејќи во споредба со ѓевречињата од бело тесто може да ви се растурат поради помалата способност за прилепување на тестото).
  7. Во тенџере на оган ставете вода и мед да се варат. Количината на вода и мед варира и се прилагодува зависно од големината на садот во кој ќе се варат.
  8. Пожелно е готовата форма на ѓеврече веднаш да се стави во претходно припремена вода со мед која врие на оган.
  9. Интегралното ѓевречето е готово, односно варено и спремно да се изваде кога од дното на садот ќе се крене на површината на водата.
  10. Потоа, со помош на голема кујнска лажица со дупки се вади од водата со мед, па се става директно во садот со сусам и добро се налепува од сите страни.
  11. Варените ѓевречиња се ставаат во намрсен плех или тава обложена со хартија за печење и печат во загреена рерна на 250 степени додека убаво заруменат.

Дегустирани и одобрени од најпребирливите, на здравје!

Сподели: