Исхрана за дијабетичари: што да се јаде, а што не и предлог мени

Исхрана за дијабетичари и предлог мени

Дијабетесот е болест која се шири со епидемиолошки размери во светот, па дури и кај нас веќе е многу често застапена. Животот на луѓето кои се соочуваат со оваа болест е малку поинаков од обично, мора да бидат попретпазливи и да внимаваат што и колку јадат. Со надеж дека ќе помогнеме нивните денови да бидат поубави и полесни, препорачуваме да ја споделите оваа содржина за исхрана за дијабетичари и да ни помогнете во таа цел.

Постојат повеќе фактори кои влијаат на појавата на дијабетесот меѓу кои најчести причини се: неправилниот начин на исхрана (исхрана богата со многу масти), физичка неактивност и генетски предиспозиции.

Постојат два главни типа на дијабетес: тип 1 и тип 2. Тип 1 дијабетес претставува еден вид автоимуно заболување проследено со скоро целосно уништување на панкреасните клетки кои продуцираат инсулин и во овој случај е неопходен третман со инсулин, додека дијабетес тип 2 може да биде проследен со нормална, намалена или зголемена продукција на инсулин, а најчесто причината за хипергликемија е инсулинската резистентност (односно во крвта циркулира доволно инсулин, но тој не е способен правилно да ја извршува својата функција).

Исхрана за дијабетичари

Препораки за исхрана на дијабетичари

И за двата типа на дијабетес постојат препораки за исхрана со цел да се намали употребата на лекови (или целосно да се исклучи употребата на лекови кај дијабетес тип 2), да се избегне хипо или хипергликемија и да се спречат компликациите кои може да настанат од неконтролираното ниво на шеќер во крвта.

Целта на исхраната е да се одржува нивото на шеќер во крвта во нормални граници, а тоа се постигнува со поголем внес на храна со низок до среден гликемичен индекс, избегнување на храна со висок гликемичен индекс и многу јаглехидрати. Со правилно комбинирање на храната и внес на дозволени количини од одредени намирници, дијабетичарите можат да вклучат многу разновидни производи во својата исхрана.

Продукти кои треба да се избегнуваат: слатки, бели печива, масни бели печива, зашеќерени овошја и житарки, компири (кога консумирате компири треба да ги комбинирате со храна со низок гликемичен индекс), масни млечни производи, сокови со шеќер, масно пржено месо, хидрогенизирани растителни масла, масни сосови, сланина, колбаси, салама.

Продукти кои е добро да се консумираат: интегрални житарки, леб од цело зрно житарица, темно зелен листест зеленчук и сите останати зеленчуци, свежо овошје (поголеми количини од овошјето со помалку шеќери, а помали количини од овошјето со повеќе шеќери) млечни производи со намалена масленост, мешунки, посно месо и јајца, нехидрогенизирани растителни масла, маслиново масло, авокадо, итн.

Предлог мени за дијабетичар

  • Појадок: 1 парче овошје, па потоа 1-2 парчиња интегрален леб од цело зрно житарка, со намаз од авокадо, сончоглед, наут (или некој друг здрав намаз по ваша желба).
  • Ручек: леќа, грав (или друга мешунка), со 1-2 парче интегрален леб од цело зрно житарка/или пак риба или посно живинско месо и повторно сезонска салата по ваш избор, со малку масло и сол.
  • Вечера: интегрален ориз со зеленчук и со салата, или интегрален ориз со 1 парче овошје.

Освен трите главни оброци потребни ви се и 2-3 ужинки кои најчесто се составени од  1-2 парчиња овошје или чаша јогурт.

Растојанието помеѓу оброците треба да биде од 2,5 до 3 часа за да не дојде до хипогликемија.

Од разните типови на овошја предност имаат: кајсии, јагоди, грејпфрут, портокал, круша, лубеница и јаболко, додека смоквите, урмите и сувите овошја поради поголемата концентрација на шеќери теба да се внесуваат поретко и во помали количини.

Автор: Маја Велковска.

Ви препорачуваме да прочитате: Како да одржите нормално ниво на шеќер на крвта?

Сподели: