исхрана при дијареја

Исхрана при дијареја

Дијарејата е непријатна и нè прави да се чувствуваме неудобно, но не е некој голем проблем ако се јавува ретко и кај здрави возрасни луѓе. Ако дијарејата трае подолго и се јавува кај деца и постари лица, тогаш треба да се внимава, затоа што нивните тела полесно дехидрираат.

Како резултат на брзото губење на течностите се јавува дехидратација на организмот. Дијарејата може да биде акутна и хронична, а најчести причинители се бактериските и вирусните инфекции, но може да биде предизвикана од алергии и интолеранција на храна, емотивна напнатост или стрес кај возрасните, плашење кај децата.

Со медицински и нутриционистички истражувања е утврдено дека одредена храна може да го намали времетраењето на дијарејата и да се забрза процесот на закрепнување. Во овој период се препорачува храната да се зема пет пати на ден во мали количини и темелно да се џвака. При дијареја дозволено е да се консумираат следните намирници:

Бел ориз – како резултат на мала количина растителни влакна кои ги содржи, белиот ориз лесно се дигестира во гастроинтенстиналниот тракт. Најдобро е да јадете варен ориз без додаток на путер.

Боровинки – при дијареја се препорачува да се консумираат суви боровинки или пак да се пие чај. Во својот состав боровинките, содржат танини кои влијаат на намалување на воспалението и ја намалуваат секрецијата на течности и слуз. Покрај тоа, содржат супстанции наречени антоцијанозиди, кои имаат антибактериски својства.

исхрана при дијареја

Банани – богати се со калиум кој помага да се надополнат електролитите кои се губат при пролив. Бананите во својот состав содржат пектин кој овозможува врзување на водата во цревата, а присуството на инулин допринесува за побрз раст на корисните бактерии во цревниот систем.

Јаболко – исто како и бананите, јаболката во својот состав содржат пектин. При дијареја се препорачува да се консумираат варени или печени јаболка, затоа што полесно се варат во цревата, а со тоа полесно се искористуваат хранливите состојки кои ги содржат.

Пилешко месо – е лесно сварлива храна, која го обезбедува организмот со протеини. Се препорачува да се консумира бело пилешко месо (стек), подготвено на пареа или печено, без додаток на масло.

Кисело млеко – при дијареја не се препорачува консумирање на млечни производи, но дозволено е да се јаде кисело млеко или јогурт. При изборот на овие производи, треба да се одлучите за оние кои содржат активни култури како што се Lactobacillus acidophilus и Bifidobacterium bifidum. Овие култури се пробиотици кои овозможуваат да се постигне поздрава рамнотежа на бактериите во дигестивниот тракт.

Чај – при дијареја се препорачува да се пие чај од нане и чај од камилица. Чајот од нане има смирувачки ефект и ги релаксира мускулите, со што се намалуваат грчевите и цревните гасови. Чајот од камилица го намалува воспалението на цревата и ги смирува цревните грчеви.

Двопек од бел леб – белиот леб полесно се дигестира во споредба со интегралниот и затоа при дијареја се препорачува консумирање на двопек од бел леб.

Ви предлагаме да прочитате: Кора од калинка – природен лек против пролив и и цревни паразити.

Сподели: