naut 1

Како да го вклучите наутот во вашата исхрана?

Наутот е растение од фамилијата на мешунки, а кај нас попознато е како леблебија. Исто како и другите мешунки, вкусниот наут е богат извор на протеини, а освен тоа што содржи голема количина на протеини тој е и многу здрава намирница.

Познато е дека помага во контрола на шеќерот кај дијабетес, намалување на холeстеролот, ја подобрува дигестијата, го чува срцето, ги смирува воспалителните процеси, содржи минерали потребни за добро здравје на коските, добар извор е и на селен, на што се должат неговите антиканцерогени својства. Во продолжение прочитајте како да ја подготвите оваа намирница за да биде позастапена во вашата исхрана.

Печена леблебија

Наместо да јадете чипс и други нездрави грицки, изберете леблебии. Печените леблебии кај нас може да ги јадете како и печените кикирики, да ги грицкате или да ги додавате во салати.

наут

Хумус од наут

Сигурно сте слушнале дека од наутот можете да подготвите вкусен намаз со додаток на сок од лимон, малку маслиново масло и зачини по желба. Хумусот се подготвува така што сите состојки убаво се блендираат, а вода се додава во количина по ваша желба, во зависност од тоа колку сакате да биде концентриран хумусот. Хумусот од наут можете да го користите намазот како паштета или пак како прилог на некое јадење. Рецептот за подготовка на оргинален либански хумус, прочитајте го тука.

Салата од наут

Наутот можете да го сварите во вода и потоа да ги додадете зрната во свежа сезонска салата. Пред варење, наутот треба да отстои преку ноќ во вода, а потоа сварете го и додадете малку сол и масло на крај, исцедете ги зрната и додадете ги во салатата. Ваков пример е салата со модар патлиџан, наут и сирење.

Ќофтиња од наут

Со се поголемата популарност на вегетаријанството, се подостапни ни станаа многу посни рецепти. Па така мешунките се честа состојка во посните ќофтиња, а како таков и наутот може да се искористи како основа во смесата за ќофтиња. Едноставно треба да го сварите наутот, да го исцедите, да го изблендирате и потоа во смесата да ги додадете останатите вообичаени состојќи за ќофтиња (кромид, зачини, магдонос, сол). Ќофтињата можете да ги испечете на хартија за печење или да ги испржите. Рецепт за вакви вкусни ќофтиња од наут – фалафел, може да прочитате тука.

Печен наут

Наутот можете да го подготвите на истиот начин како што го подготвувате и гравчето, така што прво ќе го сварите, ќе го зачините, ќе ги исцедете зрната, ќе ги додадете останатите состојки па потоа ќе го испечете.

Се надеваме дека отсега во вашата исхрана почесто ќе биде застапен наутот кој што е многу здрава мешунка, лесно се подготвува и може да се вклучи во многу вкусни рецепти!

Автор: Маја Велковска.

Ви предлагаме да прочитате: Посни плескавици од наут со тиквички за прилог.

Сподели: