Како да го намалите нивото на пролактин со помош на храната?

Пролактинот е хормон кој го произведува хипофизата, а е одговорен за промените кои се случуваат во градите на жените за време на бременоста и периодот на доење. Покаченото ниво на пролактин доведува до состојба која се нарекува хиперпролактинемија која настанува како резултат на прекумерно лачење на овој хормон. Ви откриваме како на природен начин може да го намалите нивото на пролактинот.

Покаченото ниво на пролактин може да биде предизвикано од одредени лекарства, од болести на хипофизата или штитната жлезда. Исто така, може да се покачи при стрес, при стимулација на брадавиците, во сон, при физичка активност и сексуални односи. Симптомите на покачен пролактин кај жените кои не се бремени и не дојат може да предизвикаат болка во градите, нарушен менструален циклус како и спонтано производство на млеко. Оваа состојба е исто така причинител за неплодност кај жените и еректилна дисфункција кај мажите. Покрај соодветен медицински третман, нивото на пролактин може да го вратите во нормала на природен начин со помош на исхраната.

пролактин

Исхраната и покачениот пролактин

Здравата исхрана има голема улога во подобрување на општата здравствена состојба, но и за намалување на нивото на пролактин. Потрудете се да ги следите овие совети и почесто да ги консумирате долунаведените намирници. За да може да го намалите нивото на пролактин треба да јадете што повеќе овошје и зеленчук, особено зелен лиснат зеленчук како што се:

  • марулата
  • спанаќот
  • блитвата
  • кељот.

Исхраната, исто така треба да биде богата со:

  • житарици во цело зрно
  • мешунки, особено соја
  • јаткасти плодови
  • семиња
  • риба.

Истражувањата покажале дека постои врска помеѓу покаченото ниво на пролактин и недостатокот на витамин Б6. Затоа, потрудете се да внесувате намирници кои се богати со овој витамин како што се компирот, бананите, лососот, пилешкото месо и спанаќот. Покрај тоа, важен е и внесот на цинк, кој го има во школките, говедското месо, мисиркиното месо и гравот.

Ви предлагаме да прочитате: Како да препознаете дали имате недостаток на цинк?

Сподели: