Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот 1

Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот

Често пати многумина од нас посакуваат да постат и не знаат како и од каде да започнат. Нормално е и најобично се информираме како се прави тоа од нашите најблиски, од соседите и слично. Заклучивме дека може да напишеме неколку препораки кои ќе бидат корисни за сите со цел да избегнеме да правиме „грешки“ за време на постот.

Поскусните од нас и оние кои редовно постат сигурно ќе имаат уште многу препораки кои би можело да се споделат.  Па, срдечно се обраќаме до подобро информираните и ги покануваме слободно да го споделат своето знаење со сите нас, за да се информираме што подобро и во иднина да сме добри примери за останатите кои сакаат да постат.

На пример, ако купувате растителен кашкавал, проверете дали содржи казеин, а еве и зошто…

Веќе е време на пости и постојат многу недоумици што е добро да се јаде, а што не се препорачува.

Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот 2

Кога станува збор за пост на вода, каква храна се јаде тогаш? Која храна е посна?

Посна храна е секоја храна која нема животински состојки во својот состав – може да се сретни на повеќето портали. Посни не се млечните производи, сирењето, јајцата, месото. Тие се мрсна храна. Обично, во цркoвниот календар имате помош и ознаки во кој ден што се јаде. Така на пример, кога пишува пост на вода, значи дека се јаде храна која е посна и не е припремена во масло ниту во себе содржи масло. Кога во црковниот календар стои „масло“, значи дека може да се јаде посна храна која е припремена со масло. Во деновите кога е означено „риба“, тогаш се јаде посна храна, а дозволена е и риба и вино.

На денешно време не е тешко да се пости, бидејќи има многу лесно достапни посни производи. Но, сепак, треба да се внимава на декларациите, зашто иако за многу намирници се мисли дека се посни, а тие содржат состојки од животинско потекло.

Важно е да ги читате декларациите, затоа што многу од расителните сирења може да содржат состојка од животинско потекло како што е казеинот. Така, кога купувате растителен кашкавал, внимавајте на оваа информација.

Друг пример се печивата и тестенините во кои може да има јајца или јајца во прав. Или лебот, има такви производители кои за да добијат сјаен леб со крцкава кора, го премачкуваат со смеса од јајце.

Не сите рибини паштети се посни, па и за нив важи правилотo за читање на декларацијата.

Најголемиот број бонбони не се посни. Иако се мислело дека гумените бонбони се посни, последното време се покажало дека не се, а тоа е поради желатинот од животинско потекло, кој е состојка во нив. Исто така треба да знаете дека белото чоколадо не е посно. Тоа најчесто се прави од млеко во прав.

Исто така, кога купувате наполитанки, пазете дали имаат само прелив од какао или содржат и млеко или млеко во прав.

Ви препорачуваме да прочитате: 27 избрани посни рецепти за празнично мени.

Сподели: