масло од невен

Како да направите лековито масло од невен?

Невенот одамна е познат како скапоцено лековито растение. Сувите ливчиња невен се користат во тинктури, масти, кремови за лечење на рани, модринки, изгореници од прв степен и изгореници предизвикани од сонцето, алергиски реакции на кожата, за лечење на проширени вени и разни заболувања на вените, против акни и чиреви на кожата, убоди од инсекти, исипувања предизвикани од пелени кај децата, отоци и повреди. А бидејќи лесно се наоѓа кај нас, ви предлагаме да ги искористите неговитите придобивки и да направите лековито масло од невен. 

Придобивки од маслото од невен

Маслото од невен има антиинфламаторни, антибактериски својства и е многу корисно за кожата. Старите Египјани, сметале дека невенот ја подмладува и освежува кожата. Ладно цеденото сончогледово масло е идеално за подготовка, затоа што служи како „носач“. Имено, тоа овозможува хранливите материи кои ги содржи невенот полесно да навлезат во кожата, а со тоа да се постигни подобар ефект. Придобивките од маслото од невен се следните:

Сува и испукана кожа

Маслото од невен ја регенерира, негува оштетената и сува кожа на лицето и телото. Особено се препорачува за нега на кожата после долготрајно изложување на сонце. Тоа ја навлажнува и смирува сувата, испукана кожа и ја намалува болката.

Инфекции и отоци на кожата

Невенот има антисептично дејство (содржи висока содржина на јод) и може да се употребува како помошно природно средство при инфекции и отоци на кожата. Неговото антивоспалително својство помага да се намалат отоците предизвикани од повреди. Покрај тоа, маслото од невен е корисно при попуштени вени, чиреви на нозете и смрзнатини.

Бебешка нега

Маслото од невен е корисно при појава на осип од пелени, кој предизвикува иритација и непријатност кај бебињата.

Помали исеченици и рани

Антисептичните и антимикробните својства на маслото го забрзуваат заздравувањето на помалите исеченици и рани. Маслото од невен ја подобрува циркулацијата кај лица со декубитус (хронична рана која се јавува при долготрајно лежење), а е ефикасно при убоди од инсекти и акни.

Габични инфекции

Егзема, псоријаза, дерматитис и други кожни проблеми може да се третираат со локално нанесување на масло од невен. Маслото од невен има антигабични карактеристики и е одлично за третирање на габични инфекции на кожата и ноктите.

масло од невен

Направете масло од невен

За да направите масло од невен потребни ви се следните состојки:

Состојки:

  • Суви цветови од невен (количината зависи од големината на стаклениот сад)
  • Ладно цедено сончогледово масло

Подготовка:

  1. Цветовите од невен ставете ги во стаклен сад. Во садот додадете масло.
  2. Садот чувајте го 4 недели на сонце, а повремено промешајте ја смесата.
  3. Потоа маслото процедете го низ платнена цедилка и чувајте го на темно и ладно место. По желба на крајот може да додадете една капсула витамин Е, која го враќа здравиот изглед на кожата.

Ви предлагаме да прочитате: Како да направите масло од лаванда? 

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: