замрзнување на спанаќ 1

Како правилно да замрзнете спанаќ

Без разлика дали дома одгледувате или купувате, замрзнете си свежи листови спанаќ за да можете да ги користите при подготовка на јадења или смути.

Дали може да се замрзне спанаќот? Дефинитивно може да замрзнете спанаќ и да го употребувате во најразлични гурмански специјалитети. Најдобро е да го одгледувате или да купите спанаќ од локален производител, затоа што се одликува со најголема свежина. А уште подобро е кога можете да видите од каде доаѓа вашата храна и да го посетите местото од каде што се одгледува спанаќот, особено доколку имате деца.

Секогаш кога купувате спанаќ, изберете зелени, свежи и млади листови. Избегнувајте да купувате спанаќ кој е постар, потежок чии листови започнале да пожолтуваат.

замрзнување на спанаќ

Техника за правилно замрзнување на спанаќ

За да може правилно да го замрзнете спанаќот и да ги зачувате хранливи својства, следете ги следните чекори:

  1. Најпрво добро измијте ги листовите спанаќ. Потоа, по желба може да ги отстраните стебленцата.
  2. Во тенџере на оган ставете вода да зоврие. Во врелата вода, додајте ги листовите спанаќ и варете ги за време од 2 минути. Оваа постапка ќе ги спречи ензимите да ја расипат храната, а во случај кога планирате да спанаќот да го употребите за пократок временски период, до 6 месеци бланширањето може да се прескокне. Може да забележите дека водата ќе добие зелена боја, а тоа е знак дека спанаќот испуштил хранливи состојки. Оваа вода може да ја замрзнете и искористите за подготовка на житарици, како ориз и киноа. Уште подобро е кога, наместо да го варите, го бланширате спанаќот на пареа, за време од 2 минути.
  3. Потоа, листовите спанаќ ставете ги во сад со вода и коцки мраз, за време од 2 минути.
  4. Листовите спанаќ исцедете ги со помош на цедилка или ставете ги врз чиста кујнска крпа. Потоа ставете ги во херметички ќеси за замрзнување. Притоа, се внимава добро да се истисне воздухот и убаво затворена ќеса се става во замрзнувачот. Вака замрзнатиот спанаќ искористете го во период од 14 месеци.

Сподели: