Камилица – лек против многу болести

Камилицата (Мatricaria chamomilla) била ценета лековита билка уште во стариот век во древен Египет, Грција и Рим. Хипократ, Диоскорид, Гален и други лекари од тоа време употребувале камилица како средство против болки и грчеви во органите за варење, особено кај децата, како и за лекување на различни воспаленија на кожата и слузокожата.

Својата популарност ја постигнува во средниот век, кога луѓето започнале да користат камилица како лек за бројни заболувања меѓу кои: астма, болки во стомакот, покачена температура, смирување на нервите, воспаленија, гадење, кожни проблеми и рак.

Лековитите својства на камилицата доаѓаат од нејзините цветови кои содржат испарливи масла (бисаболол, бисаболол оксиди А и Б, и матрицин), флавоноиди и други терапевтски супстанции.

Научните истражувања потврдија дека камилицата поседува антибактериски, антифугални, антиалергиски и антисептични својства. Исто така, утврдиле дека камилицата го зголемува бројот на белите крвни зрнца во крвта, го олеснува варењето на храната, ја ублажува надуеноста на стомакот и ја нормализира столицата. Камилицата го ублажува стресот и нервозата.

камилица

Камилицата може да се користи:

  • како чај при болки во половината и реуматски проблеми
  • во кремови за лекување на хемороиди и рани
  • за инхалација при настинка и астма
  • за намалување на стомачните болки кај децата
  • за забрзување на лекувањето при алергии, осип, чиреви и рани на кожата
  • како чај за подобрување на варењето на храна, кој се препорачува да се консумира после јадење
  • олеснување на утринска мачнина во текот на бременоста
  • при гастритис, гадење, надуеност, стомачни проблеми
  • за намалување на стресот и релаксација
  • при несоница
  • смирување на кожата помали изгореници и изгореници предизвикани од сонцето.

Чајот од камилицата со векови се користи при несоница, покачена температура, настинки, болести на желудникот и др. Покрај тоа, може да се употребува при гингивит (воспаление на непцата), апсцес на заби, воспаление на крајници и на грло. При овие состојби се прави гаргара или може да се инхалира пареата од концентриран чај. Чајот се пригитвува така што една филтер ќесичка или една лажичка суви цветови од камилица се преливаат со 2-3 дл. врела вода и се оставаат во поклопен сад за време од 5 до 8 минути. По желба чајот од камлица може да се заслади со мед и да се додаде цеден лимон.

Сподели: