киноа

Киноа – една од најздравите храни на светот

Во последно време, штом се зборува за здрава храна сигурно сте слушнале за киноа. Бидејќи киноата е малку позната кај нас, а изобилува со корисни својства за здравјето, добро е да се запознаете со неа.  

Киноата е растение кое сé почесто почнува да се употребува во исхраната, поради корисните состојки и активни компоненти кои ги содржи. Постојат три сорти на киноа: бела, црвена и црна. Таа има малку горчлив вкус кога ќе се зготви, па затоа треба добро да се измие. Иако често се смета за житарица, таа всушност спаѓа во групата на растенија во која спаѓаат и цвеклото и спанаќот.

Киноата e одлична намирница за подобрување на здравјето

Ова растение е одлична намирница за сочувување и подобрување на вашето здравје. Киноата е богата со антиинфламаторни фитонутриенти и затоа е добра за превенција, а може да биде од помош и при третман на одредени воспалителни болести. Taa исто така содржи и мало количество на здрави омега-3-масни киселини кои се од особена важност за здравјето на срцето. Содржината на мононезаситени масни киселини во киноата е поголема за разлика од нивната содржина во другите житарки.

киноа

Извор на комплетен протеин

Нешто што е доста карактеристично и важно за киноата е тоа што таа е извор на комплетен протеин. Ова значи дека во киноата се содржат сите есенцијални аминокиселини (исто како и во производите од животинско потекло), кои не може да се најдат во доволни количини во останатите житарки.

Како правилно се чува киноа

Киноата може да се чува неколку месеци на суво и ладно место, подалеку од влага.

Како се приготвува киноа

Најважно е темелно да се измие за да се отстранат материите кои го даваат горчливиот вкус. Исто така можете и да ја оставите да отстои некое време во ладна вода, а потоа да ја измиете и на крај да ја згответе. Можете да ја сварете исто како ориз, а нејзиниот волумен при варењето ќе се зголеми неколку пати. Во тенџере на оган ставете две чаши вода, да се загреат. Во загреаната вода додајте една чаша киноа, малку сол и варете 15-20 минути. Вака припремата киноа е спремна за јадење!

Автор: Маја Велковска

Сподели: