Костени - идеална намирница по повеќе критериуми.

Костени – идеална намирница по повеќе критериуми

Кога ќе го почувствувате мирисот на печени костени дали помислувате колку многу се здрави? Имаат само малку масти, многу растителни влакна и се без глутен!

Костените најпрво почнале да се одгледуваат во Кина, Јапонија, Италија и Шпанија, а постојат повеќе од 100 врсти на костени. Обично се јадат печени или варени, а често се употребуваат и во состав на разни јадења. Исто така, од костените може да се прави брашно. Свежиот костен е најзастапен во текот на есента и зимата, а преработен е достапен во текот на целата година.

Костени - идеална намирница по повеќе критериуми

Хранливи вредности на костените

Костените се познати по слаткиот вкус и благата текстура. Свежиот костен има 170 калории на 100 грама од делот кој се јади, што значи многу помалку од разните јаткасти плодови како што се лешникот, бадемите, оревите итн. кои содржат околу три пати повеќе калории. Костенот како и претходно набројаните сродни плодови, не содржат холестерол. Во костените ќе најдите многу мала количина на масти, во главно незаситени масни киселини и што е многу важно не содржи глутен. Заради тоа се иделна намирница за луѓето кои боледуваат од целијакија.

Содржината на јаглени хидрати кај костените е слична како онаа кај житариците (пченица, ориз), а има два пати поголема содржина на скроб споредено со компирите. Богати се со шеќери, дури 8% од делот кој се јаде го сочинуваат разни шеќери, како глукоза, фруктоза и други. Исто така, многу се богати со минералите фосфор и калциум, а содржи и помала количина на железо и витамините од Б групата. Плодот на костенот има висока содржина на вода (околу 50%) и треба да се чува на суво и ладно место, исто како зеленчукот и да трае до месец дена, а замрзнатиот костен може да трае и до 6 месеци.

Употреба на костените во исхраната

При печењето на костени внимавајте да не дојде до „експлодирање“ на плодот. За таа цел, откако ќе ги измиете, добро исушете ги и засечете ги. Костените можат да се сушат и да се мелат за брашно кое ќе се користи за правење на леб, колачи, пасти и сл. Костеновото брашно може да се најде во продавниците за здрава храна, а лебот од костеново брашно може да ја задржи свежината и до 2 недели. Кога се додава во чорбите, костенот дава ефект на згуснување, а исто така може да се приготвува како пире.

Сподели: