кремаста торта со банани и чоколаден крем

Кремаста торта со банани и чоколаден крем

Сликата кажува сѐ, нели? Сочна, кремаста торта со банани и чоколаден крем, приготвена од вредните раце на Невена. Повеќе пати сме напишале дека Невена е многу талентирана и креативна, а тоа повторно се докажа на дело.

Таа за овој рецепт вели: „Едноставна за подготовка, лесна, брза кремаста торта направена од состојки што ми се најдоа дома. Со додавањето на медот и ванилата во филот, филот доби преубав мирис и вкус“. Ајде да ја пробаме!

кремаста торта со банани

Состојки:

  • 3 јајца
  • 90 гр шеќер
  • 4 лажици масло
  • 90 гр брашно
  • 1 лажиче прашак за печиво.

Фил:

  • 500 мл млеко
  • 120 гр шеќер
  • 1 ванилен шеќер
  • 70 гр нишесте (густин)
  • 20 гр брашно
  • 1 полна лажица мед
  • 1 лажиче ванила екстракт
  • 130 гр путер на собна температура.

Други состојки:

  • 2 банани
  • 3-4 лажици чоколаден крем
  • 1-2 лажици чоколадо во прав за декорација
  • 1 филџанче млеко за прскање на пандишпанот.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го филот.
  2. Нишестето, брашното, ванилиниот шеќер и половина од шеќерот ставете во длабок сад. Измешајте со лажица за да се добие хомогена смеса. Во садот додајте малку од млекото и добро измешајте, за да добиете течна смеса.
  3. Останатото млеко и шеќерот, ставете ги во тенџере на оган да се варат. Откако ќе зовријат додајте ја растворената смеса. Температурата намалете ја и мешајте со жица, додека филот се згусти.
  4. Тенџерето трнете го од огнот и веднаш додајте ги медот и екстрактот од ванила. Убаво измешајте ги да се спојат. Тенџерето покријте го со најлонска фолија и оставете го филот да се излади.
  5. Во меѓувреме подгответе го пандишпанот. Во сад за матење ставете ги јајцата и шеќерот. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
  6. Во садот додајте го маслото и кратко изматете ги.
  7. Брашното и печивото измешајте ги, потоа постепено (на 2-3 пати) додавајте во садот со изматените јајца. Притоа мешајте со шпатула или лажица за да се добие хомогена смеса.
  8. Смесата ставете ја во тава за печење бр.26, претходно намачкана со путер и посипана со брашно.
  9. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени за време од 13-15 минути.
  10. Печениот пандишпан оставете го да се излади.
  11. Изладениот пудинг изматете го со миксер. Важно е да ја примените оваа постапка, за да се спои филот и да нема грутчиња.
  12. Изматете го путерот и постепено додавајте од пудингот. Помеѓу секое додавање на пудинг, матете подолго за филот да биде помазен.
  13. Пандишпанот ставете го на подлога за торта, превртен со долната страна нагоре. Попрскајте го со млекото и намачкајте го со чоколадниот крем.
  14. За полесно да се размачкува, чоколадниот крем може малку да ја затоплите.
  15. Одозгора ставете ги бананите исечени на кругови со дебелина од 4-5 мм. Над бананите ставете го целиот фил и израмнете го. Одозгора направете шари со виљушка и посипете ја со чоколадо во прав.
  16. Пред служење, тортата чувајте ја во фрижидер да се спојат вкусовите. Изладената кремаста торта со банани исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви предлагаме да прочитате:Непечена кремаста торта со бисквити.

Сподели: