lazanja od tikvicki 1

Лазања од тиквички со фил од мисиркино месо и урда

За сите љубители на лазања имаме нов рецепт за кој сигурни сме дека ќе ви се допадне. Предлогот за оваа лазања од тиквички со фил од мисиркино месо и урда од нас и е наменет за сите кои водат активен животен стил, вежбаат, се хранат здраво, како и за оние кои водат грижа за изгледот и килограмите.

Еве неколку причини за уште денес треба да ја пробате вкусната лазања од тиквички. Во рецептот наместо кори кои се добиваат од бело брашно се користат ленти од тиквички, кои се нискокалорични, не содржат рафинирани јагленохидрати  и глутен, а богати се со растителни влакна и вода, со што се забрзува метаболизмот и се поттикнува процесот на согорување на мастите. Оваа лазања со тиквички е богата со висококвалитетни протеини, кои доаѓаат од мисиркиното месо, урдата и јајцето, кои освен што ќе ви дадат чувство на ситост подолго време, се клучни за изградба на мускулите и нивно опоравување по напорниот тренинг.  Покрај тоа, за нејзината припрема се користи најздравото маслиново масло, а за збогатување на вкусот се додава маринара сос и ароматичниот свеж босилек.  Состојките наведени во рецептот се доволни за 4 порции. Една порција содржи 344 калории, 31.6 грама протеини, 17.6 грама јагленихидрати, 17.8 грама масти и 3.6 грама растителни влакна.

Вреди да се проба!

лазања од тиквички

Состојки:

  • 4 тиквички со средна големина
  • 1 лажица маслиново масло
  • 250 гр мелено мисиркино месо
  • 1 ½ чаша доматен маринара сос
  • 1 чаша урда
  • 1 јајце
  • 1 лажица свеж сечкан босилек
  • ½ чаша рендан пармезан или кашкавал по желба.

Подготовка:

  1. Рерната пуштете ја да се загрева на 180 степени.
  2. Тиквичките исечете ги на тенки ленти.
  3. Земете кујнска хартија и поставете 3 листови еден над друг. Врз кујнската хартија наредете ги сечканите ленти од тиквички, посолете ги и оставете ги да се цедат додека го припремате сосот.
  4. Во голема нелеплива тава, ставете го маслиновото масло да се загрее на средна температура. Во загреаното масло додајте го меленото мисиркино месо и пропржете го додека добие кафеава боја. Во запрженото масло, додајте го маринара сосот, намалете ја температурата и оставете смесата да се динста.
  5. Додека сосот од месото се динста, во друг длабок сад ставете ја урдата, јајцето, сечканиот босилек и измешајте ги состојките за да се добие хомогена смеса.
  6. Тиквичките добро избришете ги со хартијата за да се отстрани повеќе од сокот кој го пуштиле.
  7. Во тава со димензии 20*20 см, ставете малку маслиново масло и убаво намрсете ја. Во тавата ставете 5 до 6 ленти од тиквичките, потоа врз нив нанесете 1/3 од сосот со мисиркино месо, а над него ставете 1/3 од смесата со урда и јајце. Постапката повторете ја, додека сосовите се потрошат. Завршете со слој од тиквички на површината, а над нив наросете од ренданиот пармезан.
  8. Тавата покријте ја со алуминиумска фолија и ставете ја лазањата од тиквички да се пече за време од 50 до 60 минути. Потоа, извадете ја тавата и попрскајте со свежо сечкан босилек. Печената лазања од тиквички послужете ја додека е топла. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате и безглутенска брза пита со тиквички и мелено месо.

Сподели: