lazanja so meleno meso i besamel sos 1

Лазања со мелено месо и бешамел сос

Има премногу различни рецепти за лазања со мелено месо, како и многу различни варијации на ова светски популарно италијанско јадење. Но, многу е подобро кога знаеме дека рецептот некој го испробал, па со сигурност и ние може да го направиме без грешка.

Ако немате идеја што да подготвите за ручек, тогаш бидете сигурни дека нема да погрешите доколку ја направите оваа сочна лазања со мелено месо и бешамел сос. Начинот на подготовка е лесен и едноставен, а е вкусот е вистинско уживање.

лазања со мелено месо и кашкавал

Состојки:

  • 500 г лазањи
  • 1 главица кромид
  • 500 г мелено месо
  • 250 г кашкавал
  • 500 мл доматен сос
  • 150 мл кечап
  • 3 лажици брашно
  • 1 лажица црвена пипер
  • сол по вкус
  • масло по потреба
  • 50 г путер
  • 300 мл млеко
  • 200 мл бело вино
  • домати и маслинки по желба.

Подготовка:

  1. Главицата кромид ситно се сечка.
  2. Во тава на оган на средна температура се става малку масло да се загрее. Во загреаното масло ставете го сечканиот кромид и пропржете го кратко време, додека кромидот омекни.
  3. Потоа во тавата се додава месото и се пропржува. Штом месото се запржи во тавата се додава црвената пипер, кечапот, половина од доматното пире, се посолува по вкус и се остава сосот да динста за време од 5 до 10 минути.
  4. Во меѓувреме се припрема бешамел сосот. Во тенџере на оган се става путерот да се растопи. Потоа се додава брашното и се меша кратко време. Кон смесата од путер и брашно, се налева млекото и се меша за да се згусне. Постапката за добивање на најдобар бешамел сос погледнете ја тука.
  5. Во друго тенџере на оган се става преостанатото доматно пире и белото вино. Се меша и се остава да зоврие.
  6. Во тава се става доматниот сос, а потоа се редат лазањите. Врз нив се става од сосот со меленото месо, а над него се додава бешамел сосот. Врз бешамел сосот се става рендан кашкавал. Постапката се повторува, а на најгорниот ред редиме лазањи и ги прекриваме со доматен сос. Тавата ја покриваме со фолија и ја ставаме да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 30 минути.
  7. Потоа, тавата се вади од рерна и се става рендан кашкавал, сечкани домати и маслинки по желба. Повторно се враќа да се пече за време од 5 минути, додека се растопи кашкавалот. Печената лазања со мелено месо и бешамел сос се служи додека е топла. На здравје!

Рецептот го испратил: Маја Долеска

Сподели: