компири-помфрит-1

Лесно исечете компири за помфрит

Нема сомневање дека секој од нас ужива во вкусниот помфрит, но и во неговите беспрекорно формирани залачиња кога ќе го нарачаме во ресторан. А сега и вие ќе може да исечете совршени крцкави компирчиња како професионален готвач, кои ќе го збогатат вашиот ручек или вечера.

За компирите се вели дека може да се приготват на повеќе од 100 начини, а македонската кујна изобилува со голем број на рецепти за нивна припрема. Пржени, печени, варени за пире или салата, компирите на многумина им се омилени. Но, дали знаете дека компирите можеме да ги поделиме на две групи? Младите сјајни компири се најдобри за варење, а за да сте сигурни во тоа, земете еден нож и пресечете го компирот. Ако на ножот нема траги од скроб, тогаш тие компири може да ги употребите за пире, салата со варени компири или да ги користите во супи и чорби. За разлика од нив, другата група на компири кои се богати со скроб, е идеална за подготовка на помфрит или печени компири во рерна. Доколку пресечете компир и на ножот забележите траги од бели траги скроб, тогаш од овие компири може да направите вкусни специјалитети со пржење или печење. Погледнете го видеото и научете како брзо и лесно да исечете компири за помфрит.

Техника на сечење компири за помфрит

При сечење на компири за помфрит, најпрво добро измијте ги, а потоа излупете ги. Прво исечете еден дел од заоблената површина на компирот. Потоа компирот поставете го на страната од која исековте парче. Со тоа се постигнува баланс, се намалува ризикот од исеченици, се заштедува време и многу полесно ќе ги исечете совршени компирчиња за помфрит. Потоа од компирот исечете неколку ленти. Ако ножот ви стане премногу леплив избришете го со кујнска крпа или хартија. Од лентите исечете стапчиња од компири со еднаква големина кои може да ги зачините со сол и црн пипер. Потоа пржете ги во нелеплива тава со загреено масло, а за поздрава алтернатива ви предлагаме да ги испечете во рерна.

Сподели: