лозов лист 1

Лозов лист – здрава храна за секого

Лозовиот лист е популарна храна во медитеранската кујна и намирница која е препорачлива на листата за купување кај Американците. Низ светот е познат како храна која е одлична за здравјето на срцето, богата со витамини и минерали. Поради неговата сезонска природа често може да се најде и конзервиран, што овозможува достапност преку целата година.

Сигурно сте пробале убава сарма од лозов лист, но ретко кој е запознаен со неговата лековита корист, па токму затоа ја подготвивме оваа содржина.

Нутритивна вредност

Лозовиот лист има само 14 калории во 5 листови, што е одлична информација за сите кои внимаваат на телесната тежина. Тој е богат извор на хранливи материи, како што се витамините Ц, Е, А, К и Б6, ниацин, рибофлавин, фолна киселина, исто така содржи минерали и тоа најмногу железо, а помалку калциум, магнезиум, бакар и манган, а што е многу важно лозовиот лист изобилува со растителни влакна. Лозовиот лист не содржи масти, ниту холестерол, а нивото на натриум и шеќер се ниски, што го прави храна погодна за секој човек.

Лековити својства

Нутритивната вредност на лозовиот лист придонесува многу за општото здравје и благосостојбата на организмот. Она што е познато за неговите лековити својства датира многу одамна, а низ вековите како посебно корисни се прикажувале лисјата од црвеното грозје.

Консумирајте лозов лист и бидете здрави

Лозовиот лист има благо антивоспалително дејство кое влијае позитивно при одредени заболувања како што се срцеви болести, многу видови на рак и Алцхајмерова болест. Исто така, ова антивоспалително дејство е изразено при артритис и гастроинтестинални заболувања, како што е Кроновата болест. Секако, консумацијата на намирници кои помагаат против воспаленија, како што е лозовиот лист, мора да биде во подолг рок за да може да се почувствуваат позитивните ефекти.

Лозовиот лист е храна која е погодна за дијабетичари, бидејќи има низок гликемиски индекс.

лозов лист

Лозовиот лист ја подобрува циркулацијата на крвта

Тој овозможува подобра циркулација и поволно влијае при хронична венска инсуфициенција. Тоа е важно за луѓето кои имаат проблем со вените на нозете, чија функција е да ја вратат крвта до срцето. Во случај кога нивната функција е нарушена, доаѓа до оток на нозете и неудобност. Како рецепт за подобра циркулација, се препорачува да се варат две раце свежи, ситно исечкани лозови лисја околу 15 минути во еден литар вода. Добиената течност се става во поголем длабок сад, а нозете се држат во неа половина час, потопени до колена. Овој третман треба да се применува секоја вечер во текот на еден месец.

Лозовиот лист помага за лекување на дијареа, тешко менструално крварење, крварење од матка, чир на усната шуплина, хемороиди, а исто така помага за намалување на вишокот од вагинален исцедок и чистење на бубрезите од песок и камења.

Индијанците правеле чаеви кои помагале против дијареја, хепатитис, болки во стомакот и болки во грлото, додека сувиот лозов лист бил корисен при болки во градите, реума, главоболки и треска. Неговите лековити својства биле користени многу низ вековите, но денешната напредна медицина, ја нема потврдено ефикасноста на секое од нив, заради што сеуште се прават истражувања, но самиот факт за големата нискокалоричност и погодност за срцево болни и дијабетичари, сведочи за неговата вредност и можност да биде широко употребуван од сите луѓе.

Сподели: